Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 16:1-13

1 САМОИЛ 16:1-13 MKB

Господ му рече на Самоила: „До кога ќе тажиш заради Саула, кога Јас го отфрлив, за да не царува веќе над Израел? Наполни го својот рог со масло и тргни на пат! Јас те праќам при Витлеемецот Јесеј, зашто си избрав цар од неговите синови.“ А Самоил рече: „Како би можел да одам таму? Саул ќе чуе за тоа, и ќе ме убие!“ Ама Господ му одговори: „Земи со себе јуница па речи: ‘Дојдов за да Му жртвувам на Господа,’ и повикај го Јесеја на жртвата, а Јас Самиот ќе те поучам што ќе правиш: ќе го помажеш оној кого што ќе ти го посочам.“ Самоил направи како што му рече Господ. Кога дојде во Витлеем, градските старешини му дојдоа треперејќи во пресрет и го прашаа: „Значи ли мир твоето доаѓање?“ Самоил одговори: „Да, мир! Дојдов да Му жртвувам на Господа. Очистете се и дојдете со мене на жртвата!“ Потоа ги очисти Јесеја и неговите синови и ги повика на жртва. Кога дојдоа и кога Самоил го виде Елијав, си рече во себеси: „Без сомнение, еве пред Господа стои Неговиот помазаник!“ Но Господ му рече на Самоила: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.“ Потоа Јесеј го повика Авинадава и го доведе пред Самоила. А тој рече: „Господ не го избра ни овој.“ Тогаш Јесеј го доведе Сама, ама Самоил рече: „Господ не го избра ни овој.“ Така Јесеј ги доведе своите седум синови пред Самоила, ама Самоил рече: „Господ не избра ниеден од овие.“ Потоа го праша Јесеја: „Дали се тоа сите твои синови?“ А тој одговори: „Остана најмладиот, тој е на пасиште, по стадото.“ Тогаш Самоил му рече на Јесеја: „Испрати по него, зашто нема да седнам покрај столот додека тој не дојде.“ Јесеј испрати по него: тоа беше румен момок, со убави очи и убава става. И Господ му рече на Самоила; „Стани помажи го: тој е!“ Самоил го зеде рогот со маслото, и го помаза среде неговите браќа. Господовиот Дух го опфати Давида од оној ден. А Самоил тргна на пат и отиде во Рама.