Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 15:13-26

1 Самоилова 15:13-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога Самоил дојде кај Саул, Саул му рече: „Благословен да си од Господ! Јас го исполнив зборот Господов.“ Но Самоил рече: „А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови што го слушам?“ Саул одговори: „Ги дотераа од Амалик, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господ, твојот Бог; а другото го истребивме.“ Самоил му рече на Саул: „Почекај да ти јавам што ми кажа Господ ноќеска.“ А Саул му рече: „Кажувај.“ Тогаш Самоил му рече на Саул: „Зарем не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израеловите племиња, и Господ те помаза за цар над Израел? И Господ те испрати на пат и рече: ‚Оди и нападни ги Амаликијците и војувај против нив, сѐ додека ги истребиш.‘ Зошто тогаш ти не го послуша гласот Господов, а се втурна по грабеж и направи зло пред очите на Господ?“ Саул му одговори на Самоил: „Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликискиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив, а од пленот: овците и воловите, на­родот го зеде најдоброто од ограбеното за да Му принесе жртва на Господ, твојот Бог, во Гилгал.“ Самоил одговори: „Зар сепалени­ците и приносите повеќе Му се пријатни на Господ, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е по­добра од жртвата, и покорувањето – подобро отколку овнешкото месо; зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господ, затоа и Тој те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“ И Саул му кажа на Самоил: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господ и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни. А сега симни го од мене мојот грев и врати се со мене за да Му се покло­нам на Господ.“ А Самоил му одговори на Саул: „Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“

1 Самоилова 15:13-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Самоил дојде кај Саула, Саул му рече: „Благословен да си од Господа! Ја извршив Господовата заповед.“ Ама Самоил праша: „Какво е тоа блеење на овци што достига до моите уши и мукање на говеда што го слушам?“ А Саул одговори: „Ги потераа од Амаликците, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и најдобрите говеда, за да ги жртвува на Господа, на твојот Бог. Сѐ друго истребивме!“ А Самоил му рече на Саула: „Застани да ти кажам што ми откри ноќеска Господ.“ А тој рече: „Зборувај“. Тогаш Самоил рече: „Колку и да си мал во своите очи, сепак стана главатар на Израелевите племиња. Господ те помза за цар над Израел. Господ те испрати во воен поход и ти заповеда: ‘Оди изврши клето уништување над тие грешници, над Амаликците, војувај против нив до истребување.’ Зошто не ги послуша Господовите зборови? Зошто се нафрли на грабеж и го стори она што е зло во Господовите очи?“ Саул му одговори на Самоила: „Јас го послушав Господовиот збор: презедов поход каде што ме испрати, го доведов Агаг, амаличкиот цар, и извршив клето истребување над Амаликците. Но народот зеде од пленот овци и говеда, и тоа од најдобрите врз кои требаше да биде извршен клето истребување, за да Му ги жртвува на Господа, на твојот Бог, во Галгал.“ А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни; непокорноста е како гревот на вражањето самоволието е како злостор со идолите. Ти го отфрли Господовиот збор, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш повеќе цар!“ Тогаш Саул му одговори на Самоила: „Згрешив што ги прекршив Господовата заповед и твоите наредби. Се боев од народот и му попуштив на неговото барање. А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа.“ Но Самоил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе: ти го отфрли Господовото слово, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш веќе цар над Израел.“