Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 15

15
В. Бог го отфрла Саула
1. Војна против Амалик
а. Божја повелба за истребување на Амалик со проклето уништување
1Еднаш Самоил му рече на Саула: „Господ ме испрати мене за да те помажам за цар над Неговиот народ, Израел. И така послушај ги Господовите зборови. 2Господ над Воинствата зборува вака: ‘Одлучив да се одмаздам за она што Амалик му направил на Израел, затворајќи му го патот кога излегуваше од Египет. 3Сега оди и удри на Амалик, изврши проклето уништување, врз него и врз сѐ што има; не поштедувај го, погуби ги мажите и жените, децата и доилчињата, говедата и овците, камилите и ослиците!’“
б. Саулова непослушност
4Саул го свика народот да го преброи во Телаим: беа две стотини илјади пешаци (и десет илјади Јудејци). 5Саул дојде до Амаличкиот град и постави заседа во долината на потокот. 6Потоа Саул им порача на Кенејците: „Отидете и одвоете се од Амаликците за да не ве истребам заедно со нив, зашто им бевте наклонети на сите Израелци кога излегуваа од Египет.“ И Кенејците се одвоија од Амаликците. 7Саул ги порази Амаликците од Авила па сѐ до Сур, кој лежи пред Египет. 8И го фати жив Агаг, амаличкиот цар, а сиот народ го сотре со острилото на мечот, извршувајќи клето уништување. 9Но Саул и народот ги поштедија Агаг и најдобрите овци и најдобрите говеда, згоената стока и јагнињата, и сѐ што беше добро. Не сакаа да извршат клето уништување над сѐ тоа; туку над тоа што беше без цена и вредност од добитокот, врз тоа извршија проклето уништување.
в. Самоил го изнесува Божјиот приговор
10Затоа му дојде Господовото слово на Самоила вака: 11“Се кајам што го поставив Саула за цар: се сврти од Мене и не ги исполни Моите заповеди.“ Самоил се нажали, и цела ноќ извикнуваше кон Господа. 12Рано наутро Самоил тргна за да го побара Саула. И му јавија на Самоила вака: „Саул отиде во Кармил, и ете, си подигна таму споменик; потоа отиде натаму и слезе во Галгал.“ 13Кога Самоил дојде кај Саула, Саул му рече: „Благословен да си од Господа! Ја извршив Господовата заповед.“ 14Ама Самоил праша: „Какво е тоа блеење на овци што достига до моите уши и мукање на говеда што го слушам?“ 15А Саул одговори: „Ги потераа од Амаликците, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и најдобрите говеда, за да ги жртвува на Господа, на твојот Бог. Сѐ друго истребивме!“ 16А Самоил му рече на Саула: „Застани да ти кажам што ми откри ноќеска Господ.“ А тој рече: „Зборувај“.
17Тогаш Самоил рече: „Колку и да си мал во своите очи, сепак стана главатар на Израелевите племиња. Господ те помза за цар над Израел. 18Господ те испрати во воен поход и ти заповеда: ‘Оди изврши клето уништување над тие грешници, над Амаликците, војувај против нив до истребување.’ 19Зошто не ги послуша Господовите зборови? Зошто се нафрли на грабеж и го стори она што е зло во Господовите очи?“ 20Саул му одговори на Самоила: „Јас го послушав Господовиот збор: презедов поход каде што ме испрати, го доведов Агаг, амаличкиот цар, и извршив клето истребување над Амаликците. 21Но народот зеде од пленот овци и говеда, и тоа од најдобрите врз кои требаше да биде извршен клето истребување, за да Му ги жртвува на Господа, на твојот Бог, во Галгал.“
22А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни; 23непокорноста е како гревот на вражањето самоволието е како злостор со идолите. Ти го отфрли Господовиот збор, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш повеќе цар!“
г. Неискрено покајание на Саула
24Тогаш Саул му одговори на Самоила: „Згрешив што ги прекршив Господовата заповед и твоите наредби. Се боев од народот и му попуштив на неговото барање. 25А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа.“ 26Но Самоил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе: ти го отфрли Господовото слово, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш веќе цар над Израел.“ 27Кога Самоил се сврте за да си отиде, Саул го фати цврсто скутот на неговата наметка, но скутот се отцепи. 28Тогаш Самоил му рече: „Денес Господ ти го отцепи царството над Израел и му го даде на твојот сосед, кој е подобар од тебе.“ 29Сепак Силниот Израелев Светец не лаже и не се кае, зашто не е човек за да се кае. 30Саул рече: „Согрешив; но сега направи ми чест пред старешините на мојот народ и пред Израел и врати се со мене, за да Му се поклонам на Господа, на твојот Бог.“ 31И Самоил се врати со Саула, и Саул му се поклони на Господа.
д. Самоил го убива Агага и веќе не се виде со Саула
32Потоа Самоил заповеда: „Доведете го при мене Агаг, амаличкиот цар!“ И Агаг дојде при него весело и рече: „Навистина, горчината на смртта одминала!“ 33Самоил му одговори: „Како што твојот меч им ги одзеде децата на многу жени, така твојата мајка ќе остане меѓу жените без дете!“ И Самоил го сосече Агага пред Господа во Галгал.
34Потоа Самоил отиде во Рама, а Саул се врати во својот дом, во Сауловата Гаваја. 35И Самоил не го виде веќе Саула до својот смртен ден. Самоил тажеше заради Саула, ама Господ воздивна што го постави Саула за цар над Израел.

Селектирано:

1 САМОИЛ 15: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се