1 Самоилова 15:1-26
1 Самоилова 15:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа Самоил му рече на Саул: „Господ ме испрати да те помазам за цар над Неговиот народ, над Израел; а сега чуј го гласот Господов. Така говореше Господ Саваот: ‚Ќе го казнам Амалик за она што му го направи на Израел, кога му се испречи на патот додека овој излегуваше од Египет.‘ Оди сега и нападни го Амалик и истреби сѐ негово, но не земај за себе ништо од нив, туку уништи го и проколни сѐ што е негово; не штеди го, туку предај на смрт од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до магаре.“ Го собра тогаш Саул народот и го преброи во Телаим. Тие беа двесте илјади Израелци пешаци и десет илјади од Јудиното племе. И дојде Саул до градот на Амаликијците и постави заседа во долината. Па им рече Саул на Кенијците: „Одете, одделете се, излезете од средината на Амаликијците за да не ве погубам со нив, бидејќи вие покажавте благонаклоност спрема сите Израелци кога доаѓаа од Египет.“ И Кенијците се одделија од Амаликијците. И Саул го разби Амалик од Хавила сѐ до пределите на Сур, кој се наоѓа пред Египет, и го зароби жив амаликискиот цар Агаг, и сиот народ го истреби со меч. Но Саул и народот го поштедија Агаг и најдобрите овци, волови и згоените јагниња, и сѐ што е вредно, не го уништија, а го уништија само она што е лошо и безвредно. И дојде слово од Господ кон Самоил: „Жалам што го поставив Саул за цар, бидејќи тој се одврати од Мене и не го исполни зборот Мој.“ Се натажи Самоил многу, Го повикуваше Господа цела ноќ. А изутрината рано Самоил стана и отиде да го пресретне Саул. И му јавија на Самоил дека Саул отишол на Кармил и таму си подигнал споменик, но оттаму се вратил со колата и слегол во Гилгал. Кога Самоил дојде кај Саул, Саул му рече: „Благословен да си од Господ! Јас го исполнив зборот Господов.“ Но Самоил рече: „А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови што го слушам?“ Саул одговори: „Ги дотераа од Амалик, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господ, твојот Бог; а другото го истребивме.“ Самоил му рече на Саул: „Почекај да ти јавам што ми кажа Господ ноќеска.“ А Саул му рече: „Кажувај.“ Тогаш Самоил му рече на Саул: „Зарем не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израеловите племиња, и Господ те помаза за цар над Израел? И Господ те испрати на пат и рече: ‚Оди и нападни ги Амаликијците и војувај против нив, сѐ додека ги истребиш.‘ Зошто тогаш ти не го послуша гласот Господов, а се втурна по грабеж и направи зло пред очите на Господ?“ Саул му одговори на Самоил: „Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликискиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив, а од пленот: овците и воловите, народот го зеде најдоброто од ограбеното за да Му принесе жртва на Господ, твојот Бог, во Гилгал.“ Самоил одговори: „Зар сепалениците и приносите повеќе Му се пријатни на Господ, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е подобра од жртвата, и покорувањето – подобро отколку овнешкото месо; зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господ, затоа и Тој те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“ И Саул му кажа на Самоил: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господ и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни. А сега симни го од мене мојот грев и врати се со мене за да Му се поклонам на Господ.“ А Самоил му одговори на Саул: „Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“
1 Самоилова 15:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Еднаш Самоил му рече на Саула: „Господ ме испрати мене за да те помажам за цар над Неговиот народ, Израел. И така послушај ги Господовите зборови. Господ над Воинствата зборува вака: ‘Одлучив да се одмаздам за она што Амалик му направил на Израел, затворајќи му го патот кога излегуваше од Египет. Сега оди и удри на Амалик, изврши проклето уништување, врз него и врз сѐ што има; не поштедувај го, погуби ги мажите и жените, децата и доилчињата, говедата и овците, камилите и ослиците!’“ Саул го свика народот да го преброи во Телаим: беа две стотини илјади пешаци (и десет илјади Јудејци). Саул дојде до Амаличкиот град и постави заседа во долината на потокот. Потоа Саул им порача на Кенејците: „Отидете и одвоете се од Амаликците за да не ве истребам заедно со нив, зашто им бевте наклонети на сите Израелци кога излегуваа од Египет.“ И Кенејците се одвоија од Амаликците. Саул ги порази Амаликците од Авила па сѐ до Сур, кој лежи пред Египет. И го фати жив Агаг, амаличкиот цар, а сиот народ го сотре со острилото на мечот, извршувајќи клето уништување. Но Саул и народот ги поштедија Агаг и најдобрите овци и најдобрите говеда, згоената стока и јагнињата, и сѐ што беше добро. Не сакаа да извршат клето уништување над сѐ тоа; туку над тоа што беше без цена и вредност од добитокот, врз тоа извршија проклето уништување. Затоа му дојде Господовото слово на Самоила вака: “Се кајам што го поставив Саула за цар: се сврти од Мене и не ги исполни Моите заповеди.“ Самоил се нажали, и цела ноќ извикнуваше кон Господа. Рано наутро Самоил тргна за да го побара Саула. И му јавија на Самоила вака: „Саул отиде во Кармил, и ете, си подигна таму споменик; потоа отиде натаму и слезе во Галгал.“ Кога Самоил дојде кај Саула, Саул му рече: „Благословен да си од Господа! Ја извршив Господовата заповед.“ Ама Самоил праша: „Какво е тоа блеење на овци што достига до моите уши и мукање на говеда што го слушам?“ А Саул одговори: „Ги потераа од Амаликците, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и најдобрите говеда, за да ги жртвува на Господа, на твојот Бог. Сѐ друго истребивме!“ А Самоил му рече на Саула: „Застани да ти кажам што ми откри ноќеска Господ.“ А тој рече: „Зборувај“. Тогаш Самоил рече: „Колку и да си мал во своите очи, сепак стана главатар на Израелевите племиња. Господ те помза за цар над Израел. Господ те испрати во воен поход и ти заповеда: ‘Оди изврши клето уништување над тие грешници, над Амаликците, војувај против нив до истребување.’ Зошто не ги послуша Господовите зборови? Зошто се нафрли на грабеж и го стори она што е зло во Господовите очи?“ Саул му одговори на Самоила: „Јас го послушав Господовиот збор: презедов поход каде што ме испрати, го доведов Агаг, амаличкиот цар, и извршив клето истребување над Амаликците. Но народот зеде од пленот овци и говеда, и тоа од најдобрите врз кои требаше да биде извршен клето истребување, за да Му ги жртвува на Господа, на твојот Бог, во Галгал.“ А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни; непокорноста е како гревот на вражањето самоволието е како злостор со идолите. Ти го отфрли Господовиот збор, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш повеќе цар!“ Тогаш Саул му одговори на Самоила: „Згрешив што ги прекршив Господовата заповед и твоите наредби. Се боев од народот и му попуштив на неговото барање. А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа.“ Но Самоил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе: ти го отфрли Господовото слово, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш веќе цар над Израел.“