Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 1:19-28

1 Самоилова 1:19-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И утредента тие станаа рано, се поклонија пред Господ и се вратија, па отидоа во домот свој во Рама. И Елкана беше близок со Ана, жената своја, а Господ си спомна за неа. По извесно време Ана зачна, роди син и му даде име Самоил, бидејќи велеше таа: „Од Господ го побарав.“ И отиде мажот нејзин Елкана и целата челад негова во Силом за да Му ја принесе годишната жртва на Господ и заветите свои. Но Ана не отиде со него, велејќи му на мажот свој: „Кога ќе го одбијам детето и кога ќе порасне, тогаш ќе го одведам, и тој ќе се јави пред Господ и ќе остане таму засекогаш.“ И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: „Прави што мислиш дека е добро. Остани додека го одбиеш. Само Господ нека го претвори во вистина зборот што излегол од твојата уста.“ И остана дома жена му и го доеше синот додека не го одби од градите. А кога го одби, отиде со него во Силом, земајќи со себе тригодишен јунец и една ефа брашно и мев со вино, па дојде во домот Господов во Силом, и детето со нив. А детето уште беше малечко. И го заклаа јунецот, а детето го доведоа кај Илиј; и рече: „О, господаре мој, се колнам во твојата душа, господаре мој! Јас сум онаа жена, која стоеше тука пред тебе и Му се молеше на Господ; за ова дете се молев, и Господ ја слушна молбата моја, за што Му се молев; и јас го предавам сега на Господ за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господ.“ И таа Му се поклони таму на Господ.

1 Самоилова 1:19-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Утрината поранија и Му се поклонија на Господа, а тогаш се вратија и дојдоа во својата куќа во Рама. Елкан ја позна Ана, својата жена, а Господ си спомни за неа. Ана забремени и, кога ѝ беше времето, роди син, кого го нарече со името Самоил, „зашто,“ рече, „го измолив од Господа.“ По една година се искачи нејзиниот маж Елкан со сиот свој дом, за да Му ја принесе на Господа годишната жртва и за да го изврши заветот. Ама Ана не тргна со него, зашто му рече на својот маж: „Не ќе тргнам додека детето не се одбие од градите, а тогаш ќе го одведам да се покаже пред Господа и да остане таму засекогаш.“ И ѝ одговори Елкан, нејзиниот маж: „Прави како што мислиш дека е добро; остани додека не го одбиеш од градите; само Господ нека ти ја исполни твојата желба!“ И жената остана дома доејќи го својот син, додека не го одби од градите. Штом го одби од градите, го поведе со себе, земајќи покрај тоа тригодишен јунец, ефа брашно и мев со вино; и го воведе во Господовиот Дом, во Сило. А детенцето беше уште многу младо. Тогаш го заклаа јунецот, а мајката на детето му пристапи на Илија. И Ана рече: „Дозволете, господару! Жив ти твојот живот, господару, јас сум онаа жена која стоеше тука крај тебе молејќи Му се на Господа. Молев за ова дете, и Господ ја послуша мојата молитва, со која го просев. Затоа и јас Му го отстапувам него на Господа за сите дни на неговиот живот: та измолен е од Господа.“ И му се поклонија таму на Господа.