Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 1

1
ПОСЛЕДЕН СУДИЈА - ПРОРОК САМОИЛ
1:1-7:17
А. Самоиловото раѓање и детство
1. Самоилова мајка. Одговор на молитва
1Беше еден човек од Раматаим, Софимец од Ефремовата Гора, по име Елкан, син Јероамов, син Еливов, син Товин, син Суфов, Ефратец. 2Имаше две жени: името на едната ѝ беше Ана, а на другата името ѝ беше Фенина. Фенина имаше деца, а Ана немаше.
3Тој човек се искачуваше секоја година од својот град за да Му принесе жртва на Господа на Силите во Сило. Таму беа двајцата Илиеви синови, Офниј и Финес, како Господови свештеници. 4Еден ден Елкан принесе жртва. Тој обично им даваше на својата жена Фенина и на сите нејзини синови и ќерки жртвени делови, 5а на Ана ѝ даваше повеќе еден дел, зашто повеќе ја љубеше Ана, ама Господ ѝ ја беше затворил утробата. 6Покрај тоа нејзината соперница ја натажуваше, за да ја понижи зашто Господ ѝ ја беше затворил утробата. 7Така беше секоја година кога би поаѓале во Господовиот Дом: Фенина ја дразнеше. Затоа Ана плачеше и не сакаше да јаде. 8Тогаш и рече Елкан, нејзиниот маж: „Зошто плачеш Ана? И зошто не јадеш? Зошто ти е тажно срцето? Не сум ли ти јас повреден од десет синови?“
9Ама Ана стана, откако јадеа и пиеја во Сило, и стапи пред Господа - а свештеникот Илија седеше на столица на прагот на Господовиот Храм. 10И јадосана во душата Ана Му се помоли на Господа, плачејќи горко. 11И се заветува вака: „Господи над Воинствата! Ако погледнеш на неволјата на својата слугинка, и си спомниш за мене, и не ја заборавиш својата слугинка та ѝ дадеш на својата слугинка машко дете, јас ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава.“
12Така таа се молеше долго пред Господа, а Илија ги набљудуваше нејзините усни. 13Ана зборуваше во срцето; само се помрднуваа нејзините усни, а гласот не ѝ се слушаше. Затоа Илија помисли дека е пијана. 14И Илија ѝ рече: „До кога ќе бидеш пијана? Отрезни се од виното што е во тебе!“ 15Но Ана одговори и рече: „Не сум пијана, господару, туку сум голема несреќница. Не сум пила ни вино ни опоен пијалак, туку ја излевам својата душа пред Господа. 16Не суди ја својата слугинка како недобра жена, зашто заради тешка тага и жалост се молев толку долго.“ 17Тогаш Илија ѝ одговори вака: „Оди си во мир! А Израелевиот Бог нека ти ја исполни молитвата со која Го молеше.“ 18А таа рече: „Нека твојата слугинка најде милост во твоите очи!“ И жената си отиде по својот пат: јадеше, и лицето не ѝ беше веќе тажно како порано.
19Утрината поранија и Му се поклонија на Господа, а тогаш се вратија и дојдоа во својата куќа во Рама. Елкан ја позна Ана, својата жена, а Господ си спомни за неа. 20Ана забремени и, кога ѝ беше времето, роди син, кого го нарече со името Самоил, „зашто,“ рече, „го измолив од Господа.“
2. Посветување на Самоил на Господа
21По една година се искачи нејзиниот маж Елкан со сиот свој дом, за да Му ја принесе на Господа годишната жртва и за да го изврши заветот. 22Ама Ана не тргна со него, зашто му рече на својот маж: „Не ќе тргнам додека детето не се одбие од градите, а тогаш ќе го одведам да се покаже пред Господа и да остане таму засекогаш.“ 23И ѝ одговори Елкан, нејзиниот маж: „Прави како што мислиш дека е добро; остани додека не го одбиеш од градите; само Господ нека ти ја исполни твојата желба!“ И жената остана дома доејќи го својот син, додека не го одби од градите. 24Штом го одби од градите, го поведе со себе, земајќи покрај тоа тригодишен јунец, ефа брашно и мев со вино; и го воведе во Господовиот Дом, во Сило. А детенцето беше уште многу младо. 25Тогаш го заклаа јунецот, а мајката на детето му пристапи на Илија. 26И Ана рече: „Дозволете, господару! Жив ти твојот живот, господару, јас сум онаа жена која стоеше тука крај тебе молејќи Му се на Господа. 27Молев за ова дете, и Господ ја послуша мојата молитва, со која го просев. 28Затоа и јас Му го отстапувам него на Господа за сите дни на неговиот живот: та измолен е од Господа.“ И му се поклонија таму на Господа.

Селектирано:

1 САМОИЛ 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се