1 Самоилова 1:1-20
1 Самоилова 1:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Имаше еден човек од Раматаим-Цофим, од Ефремовата Гора, името му беше Елкана, син на Јерохам, син на Елијуј, син на Тоху, син на Цуф, ефратец. Тој имаше две жени: едната се викаше Ана, а другата Пенина. Пенина имаше деца, Ана, пак, немаше деца. И секоја година на определени денови тој човек одеше од градот свој за да Му се поклони и да Му принесе жртва на Господ Саваот во Силом; таму беа двајцата синови на Илиј: Офни и Финес, свештеници на Господ. А во денот, кога Елкана принесуваше жртва, ѝ даваше на жената своја Пенина и на сите нејзини синови и ќерки, делови од жртвата, а на Ана, пак, ѝ даваше двоен дел, зашто таа немаше деца, а и ја сакаше Ана повеќе од Пенина, иако Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина. Соперничката нејзина многу жестоко ја раздразнуваше за да ја натажи, поради тоа што Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина. Така стануваше секоја година, кога Елкана одеше во домот Господов: онаа ја раздразнуваше, а оваа плачеше и не јадеше. И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: „Ано!“ Таа му одговори: „Еве, ме господаре.“ И ѝ рече: „Зошто плачеш и зошто не јадеш, и поради што е нажалено срцето твое? Не сум ли јас за тебе повреден отколку десет синови?“ Откако јадеа и пиеја во Силом, Ана стана и застана пред Господ. А свештеникот Илиј седеше на стол пред влезот во храмот Господов. Таа тажеше во душата своја и Му се молеше на Господ и горко плачеше, и даде заклетва, велејќи: „Господи, семоќни Боже Саваоте! Ако погледнеш милостиво кон понизноста на слугинката Твоја и се сетиш за мене, и не ја заборавиш слугинката Своја и ѝ дадеш на слугинката Своја машко дете, јас ќе Му го посветам на Господ до денот на неговата смрт; и вино и жесток пијалок нема да пие и брич нема да ја допре неговата глава.“ Додека таа се молеше долго пред Господ, Илиј ја гледаше во устата; и бидејќи Ана говореше во срцето свое, устата нејзина само се мрдаше, гласот нејзин не се слушаше, Илиј помисли дека е пијана. И ѝ рече: „До кога ќе бидеш пијана? Истрезни се од виното свое и истави се од лицето Господово.“ Ана одговори и рече: „Не, господаре мој; јас сум жена, со длабока тага во душата; вино и жесток пијалок не сум пила, а ја изливам душата своја пред Господ. Не ја сметај слугинката своја за лоша жена, зашто поради големата жалост и поради тагата своја јас говорев досега.“ Илиј одговори и рече: „Оди си со мир, и Бог Израелов нека ја исполни молбата твоја, за што Го молеше.“ А таа одговори: „Можеби слугинката твоја ќе најде милост во твоите очи.“ И таа тргна по патот свој, и јадеше, и лицето нејзино веќе не беше тажно, како пред тоа. И утредента тие станаа рано, се поклонија пред Господ и се вратија, па отидоа во домот свој во Рама. И Елкана беше близок со Ана, жената своја, а Господ си спомна за неа. По извесно време Ана зачна, роди син и му даде име Самоил, бидејќи велеше таа: „Од Господ го побарав.“
1 Самоилова 1:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Беше еден човек од Раматаим, Софимец од Ефремовата Гора, по име Елкан, син Јероамов, син Еливов, син Товин, син Суфов, Ефратец. Имаше две жени: името на едната ѝ беше Ана, а на другата името ѝ беше Фенина. Фенина имаше деца, а Ана немаше. Тој човек се искачуваше секоја година од својот град за да Му принесе жртва на Господа на Силите во Сило. Таму беа двајцата Илиеви синови, Офниј и Финес, како Господови свештеници. Еден ден Елкан принесе жртва. Тој обично им даваше на својата жена Фенина и на сите нејзини синови и ќерки жртвени делови, а на Ана ѝ даваше повеќе еден дел, зашто повеќе ја љубеше Ана, ама Господ ѝ ја беше затворил утробата. Покрај тоа нејзината соперница ја натажуваше, за да ја понижи зашто Господ ѝ ја беше затворил утробата. Така беше секоја година кога би поаѓале во Господовиот Дом: Фенина ја дразнеше. Затоа Ана плачеше и не сакаше да јаде. Тогаш и рече Елкан, нејзиниот маж: „Зошто плачеш Ана? И зошто не јадеш? Зошто ти е тажно срцето? Не сум ли ти јас повреден од десет синови?“ Ама Ана стана, откако јадеа и пиеја во Сило, и стапи пред Господа - а свештеникот Илија седеше на столица на прагот на Господовиот Храм. И јадосана во душата Ана Му се помоли на Господа, плачејќи горко. И се заветува вака: „Господи над Воинствата! Ако погледнеш на неволјата на својата слугинка, и си спомниш за мене, и не ја заборавиш својата слугинка та ѝ дадеш на својата слугинка машко дете, јас ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава.“ Така таа се молеше долго пред Господа, а Илија ги набљудуваше нејзините усни. Ана зборуваше во срцето; само се помрднуваа нејзините усни, а гласот не ѝ се слушаше. Затоа Илија помисли дека е пијана. И Илија ѝ рече: „До кога ќе бидеш пијана? Отрезни се од виното што е во тебе!“ Но Ана одговори и рече: „Не сум пијана, господару, туку сум голема несреќница. Не сум пила ни вино ни опоен пијалак, туку ја излевам својата душа пред Господа. Не суди ја својата слугинка како недобра жена, зашто заради тешка тага и жалост се молев толку долго.“ Тогаш Илија ѝ одговори вака: „Оди си во мир! А Израелевиот Бог нека ти ја исполни молитвата со која Го молеше.“ А таа рече: „Нека твојата слугинка најде милост во твоите очи!“ И жената си отиде по својот пат: јадеше, и лицето не ѝ беше веќе тажно како порано. Утрината поранија и Му се поклонија на Господа, а тогаш се вратија и дојдоа во својата куќа во Рама. Елкан ја позна Ана, својата жена, а Господ си спомни за неа. Ана забремени и, кога ѝ беше времето, роди син, кого го нарече со името Самоил, „зашто,“ рече, „го измолив од Господа.“