1 Петар 1:3-9
1 Петар 1:3-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој поттикнат од Својата огромна милост, одново не роди! Сега живееме со надеж која произлезе од воскресението на Исус Христос. Очекуваме наследство што не се распаѓа, неосквернето, што не венее. Тоа наследство Бог го чува за нас на небото. Божјата сила ќе ве чува се до последниот ден, бидејќи имате доверба во Него. Тогаш Бог јавно ќе го објави вашето спасение. Затоа треба неизмерно да се радувате, макар што, ако е неопходно, уште кратко време ќе минувате низ разни маки и искушенија. Преку нив се проверува вредноста на вашата вера. Дури и златото, кое е само од привремена полза, со оган се проверува. Вашата вера е многу повредна. Така, ако успешно ја поминете таа проверка, вие ќе добиете пофалба, слава и чест на денот кога Исус Христос ќе му се открие на целиот свет. Вие Го сакате Христос, иако никогаш не сте Го виделе, верувате во Него, иако не ви е пред очи. Затоа ќе се радувате со величествена радост што не може да се опише, оти ќе ја постигнете целта на вашата вера - спасението на своите души.
1 Петар 1:3-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исус Христос од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас, кои Божјата сила преку верата ве сочувала за спасение, приготвено да се открие во последното време. Затоа радувајте се, макар што можеби сега ќе треба малку и да тагувате поради разновидни искушенија, та вашата вера испитана да излезе подрагоцена од нетрајното злато, кое сепак се испробува преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажлива и славна радост, примајќи ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите.
1 Петар 1:3-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Благословен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост, преку воскресението на Исуса Христа од мртвите, нѐ роди одново за жива надеж, за непоминливо наследство, и неизвалкано, и кое не вене, запазено во небесата за вас, кои Божјата сила ве чува, преку верата, за спасение, подготвено да се открие во последното време. Во ова радувајте се, макар да сте сега за малку наскрбени, ако е потребно во разни искушенија, та вредноста на вашата вера, која е поскапоцена од пропадливото злато - кое се испитува во оган - да се покаже, за пофалба, слава и чест, при откровението на Исуса Христа, Кого Го љубите иако не сте Го виделе; во Кого верувате сега, иако не Го гледате; и се радувате со неискажлива и прославена радост, зашто ја постигнувате целта на својата вера: спасението на душите.