1 Петар 1:13-25
1 Петар 1:13-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Поради тоа, возљубени, препашете ги колковите на умот свој, бидете бодри и имајте целосна надеж дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исус Христос. Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“ Ако Го нарекувате Отец Оној, Кој непристрасно секому му суди според делата, тогаш поминувајте го времето на својот живот во страхопочит, знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос, Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот, а се јави во последно време заради вас, кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога. Откако ги очистивте душите свои со послушност кон вистината преку Духот, за нелицемерно братољубие, сакајте се еден со друг постојано со чисто срце, како преродени не од распадливо семе, туку од вечно преку словото на живиот Бог, Кој живее во сите векови. Зашто телото е како трева, и секоја човечка слава – како цвет од трева: се исушува тревата, и цветот нејзин паѓа; но словото Господово останува засекогаш. А тоа слово е Евангелието што ви беше објавено.
1 Петар 1:13-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос! Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење. Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет. Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува: “Бидете свети, затоа што Јас сум свет!“ Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог. Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени со сребреници и златници, кои се потрошни нешта, туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне. Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас. Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог. Сега, откако и се покоривте на вистината, ги исчистивте своите души. Од тоа произлезе искрена, братска љубов меѓу вас. Затоа, сакајте се меѓусебно искрено и од се срце. Сакајте се затоа што сега сте наново родени, не од земни родители, кои би ви ја пренесле и смртта, туку од бесмртниот Родител, преку живиот и вечен Божји Збор. Светото Писмо вели: „Секој човек е како трева, а секоја човечка слава и убавина се како цвеќе во ливада; тревата се суши, цвеќето венее, само зборот Господов вечно ќе живее.“ Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.
1 Петар 1:13-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа, препашете ги бедрата на вашиот ум, бидете трезвени, имајте полна надеж во благодатта, која ќе ви биде донесена при откровението на Исуса Христа. Како послушни чеда, не управувајте се според некогашните страсти, кои ги имавте во своето незнаење, туку според Светецот, Кој ве повика, бидете и самите свети во целото свое држење, зашто е напишано: „Бидете свети, зашто Јас Сум свет.“ И кога Го наречувате Татко Оној, Кој не гледајќи кој е кој, го суди според делата секој поединец, поминувајте го во страв времето на својот живот како придојденици, знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, со сребро или со злато, од својот суетен живот што ви е предаден од вашите татковци, туку со скапоцената крв на Христа, како невино и чисто Јагне, Кој беше предназначен, пред создавањето на светот, а се јави на крајот на времето заради вас; кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, така што вашата вера и вашата надеж да бидат во Бога. Откако преку Духот ги очистивте вашите души во послушност кон вистината, за нелицемерно братољубие; љубете се истрајно еден друг од чисто срце, зашто сте новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливото живо и вечно Божјо слово. Зашто „секое тело е како трева, и сета нејзина слава како цвет од трева: тревата се осушува и цветот ѝ опаѓа, а Господовото слово останува довека.“ А тоа е словото, кое ви е објавено како Евангелие.