1 Петар 1:12-21
1 Петар 1:12-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ним им беше откриено дека ова нема да се случи во нивно време и дека тие претскажуваат работи за иднината, за вас. Тие работи сега ви беа објавени преку оние што ви ја проповедаа Радосната вест, со силата на Светиот Дух испратен од небото. Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат. Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос! Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење. Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет. Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува: “Бидете свети, затоа што Јас сум свет!“ Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог. Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени со сребреници и златници, кои се потрошни нешта, туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне. Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас. Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог.
1 Петар 1:12-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, туку за вас со она што ви се јави сега вам преку оние кои го проповедаа Евангелието од небото преку Светиот Дух, и во кое копнеат да ѕирнат ангелите. Поради тоа, возљубени, препашете ги колковите на умот свој, бидете бодри и имајте целосна надеж дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исус Христос. Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“ Ако Го нарекувате Отец Оној, Кој непристрасно секому му суди според делата, тогаш поминувајте го времето на својот живот во страхопочит, знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос, Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот, а се јави во последно време заради вас, кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога.
1 Петар 1:12-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ним им беше откриено дека не служеа за себе, туку за вас, со ова што сега ви го објавија преку оние, кои ви го проповедаа Евангелието преку Светиот Дух, испратен од небото, во што ангелите сакаат да вникнат. Затоа, препашете ги бедрата на вашиот ум, бидете трезвени, имајте полна надеж во благодатта, која ќе ви биде донесена при откровението на Исуса Христа. Како послушни чеда, не управувајте се според некогашните страсти, кои ги имавте во своето незнаење, туку според Светецот, Кој ве повика, бидете и самите свети во целото свое држење, зашто е напишано: „Бидете свети, зашто Јас Сум свет.“ И кога Го наречувате Татко Оној, Кој не гледајќи кој е кој, го суди според делата секој поединец, поминувајте го во страв времето на својот живот како придојденици, знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, со сребро или со злато, од својот суетен живот што ви е предаден од вашите татковци, туку со скапоцената крв на Христа, како невино и чисто Јагне, Кој беше предназначен, пред создавањето на светот, а се јави на крајот на времето заради вас; кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, така што вашата вера и вашата надеж да бидат во Бога.