Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 19:1-9

1 Царевите 19:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци. А Језавела испрати известувач кај Илија да му каже: „Нека ми испратат боговите најтешка казна и нешто пове­ќе нека ми додадат, ако до утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.“ Кога го виде тоа, Илија стана и за­мина за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој, а самиот тој отиде во пустината на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и посакуваше да умре, велејќи: „Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои.“ И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади.“ Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади, бидејќи те чека долг пат.“ Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четирие­сет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив. И влезе таму во една пештера и но­ќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: „Зошто си овде Илија?“

1 Царевите 19:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија и како ги погуби со меч сите пророци. Тогаш Језавела му испрати гласник на Илија со порака: „Боговите нека ми ги направат сите зла и нека придадат, ако утре во ова време не направам со твојот живот како што направи ти со животот на секој од нив!“ Тој се исплаши, стана и отиде за да си го спаси животот. Дојде во Вирсавеа, која е во Јудеја, и таму го отпушти својот момок. А самиот отиде ден одење во пустината; седна таму под смрека, посака да умре и рече: „Веќе ми е доста од сѐ, Господи! Земи ја мојата душа, зашто не сум подобар од своите татковци.“ Потоа легна и заспа. Ама ете, ангел го допре и му рече: „Стани и јади.“ Тој погледна, кога ете - покрај неговото возглавје: леб печен на камен и врчва со вода. Јадеше и пиеше, па пак легна. Но Господовиот ангел се јави и по вторпат, го допре и рече: „Стани и јади, зашто пред тебе е далечен пат!“ Стана, јадеше и пиеше. Закрепнат од таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи сѐ до Божјата Гора Хорив. Таму влезе во една пештера и преноќева во неа. И ете, Господови слова дојдоа кај него: „Што бараш ти тука, Илија?“