Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 18:36-45

1 Царевите 18:36-45 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, и рече: „Господи, Боже Авраамов, Иса­ков и Израелов! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе дека си Ти единствен Бог во Из­раел, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно.“ И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата што беше во окопот. Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: „Господ е Бог, Господ е Бог!“ Тогаш Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие.“ Ги фатија, а Илија ги одведе кај потокот Кишон и таму ги закла. Илија му рече на Ахав: „Оди, јади и пиј, зашто се слуша шум од дожд.“ Ахав отиде да јаде и да пие, а Илија се искачи на врвот од Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои и му рече на слугата свој: „Оди и погледни кон морето.“ Тој отиде, по­гледна и рече: „Ништо нема.“ Тој пак рече: „Направи го тоа седумпати.“ На седмиот пат слугата рече: „Ете од морето се крева мало облаче, колку човечка дланка.“ Тој му рече: „Оди, ка­жи му на Ахав: ‚впрегни ја колата своја и тргнувај за да не те испревари дож­дот.‘“ Во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд. Ахав тогаш седна во колата, и тргна за Јизреел.

1 Царевите 18:36-45 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сѐ ова. Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.“ И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши. Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!“ Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!“ И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби. Илија му рече на Ахава: „Оди горе, јади и пиј, зашто го слушам шумењето на дождот.“ Додека Ахав отиде горе да јаде и да пие, Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата и го скри лицето меѓу колената. Потоа му рече на својот момок: „Оди горе и погледај кон морето.“ Тој отиде горе, погледна и рече: „Тука нема ништо!“ Илија одговори: „Врати се седум пати.“ Но на седмиот пат момокот рече: „Ене облак, мал како човечка дланка, се дига од морето.“ Тогаш Илија рече: „Оди, кажи му на Ахава: ‘Впрегнувај и слегувај за да не те фати дождот.’“ Одеднаш небото се смрачи од облаци и виор, и падна силен дожд. Ахав се качи во колата и отиде во Езраел.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност