Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЦАРЕВИ 18:36-45

1 ЦАРЕВИ 18:36-45 MKB

Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сѐ ова. Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.“ И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши. Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!“ Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!“ И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби. Илија му рече на Ахава: „Оди горе, јади и пиј, зашто го слушам шумењето на дождот.“ Додека Ахав отиде горе да јаде и да пие, Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата и го скри лицето меѓу колената. Потоа му рече на својот момок: „Оди горе и погледај кон морето.“ Тој отиде горе, погледна и рече: „Тука нема ништо!“ Илија одговори: „Врати се седум пати.“ Но на седмиот пат момокот рече: „Ене облак, мал како човечка дланка, се дига од морето.“ Тогаш Илија рече: „Оди, кажи му на Ахава: ‘Впрегнувај и слегувај за да не те фати дождот.’“ Одеднаш небото се смрачи од облаци и виор, и падна силен дожд. Ахав се качи во колата и отиде во Езраел.