Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 17:8-24

1 Царевите 17:8-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Господ му рече: „Стани, оди во Сарепта кај Сидон и остани таму. Јас ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни.“ И стана тој, па отиде во Сарепта. Кога дојде кај градските порти, ете, таму една вдовица жена собира дрва. Тој ѝ се обрати и ѝ рече: „Донеси ми малку вода во сад да пијам!“ Таа отиде за да земе, а тој повика по неа и рече: „Донеси ми в раце и парче леб!“ Таа му одговори: „Ти се колнам во живиот Господ, нема ништо печено, туку имам само грст брашно во ноќвите и малку масло во масларникот; и, ете, јас ќе соберам две – три дрвца, ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за синот свој; ќе го изедеме тоа и ќе умреме.“ А Илија ѝ рече: „Не плаши се; оди и направи го она што го рече; но најнапред направи од тоа мала пресна пит­ка за мене и донеси ми; а за себе и за синот свој ќе направиш после; зашто вака вели Господ, Бог Израе­лов: ‚брашното во ноќвите нема да сврши, и маслото во масларникот, нема да се намали до оној ден, во кој Господ ќе даде дожд на земјата.‘“ Таа отиде и направи така, како што ѝ рече Илија и таа се хранеше, и тој и синот нејзин извесно време. Брашното во ноќвите не се свршу­ваше, и маслото во масларникот не се намалуваше, според словото на Господ што Тој го изрече преку Илија. Потоа се разболе синот на таа же­на, на домаќинката, и болеста негова беше толку силна што не можеше да дише. Тогаш таа му рече на Илија: „Што имаш ти со мене, човеку Божји? Си дошол да ми ги наспомниш моите гре­вови и да го умреш синот мој.“ А тој ѝ одговори: „Дај ми го синот твој.“ И го зеде од рацете нејзини, го однесе во горната соба, каде што жи­вееше и го положи на леглото свое; па повика кон Господ и рече: „Господи, Боже мој! Зар Ти на вдовицата, кај која живеам, ќе ѝ направиш зло, погубувајќи ѝ го синот нејзин?“ И откако се спружи трипати над момчето, извика кон Господ и рече: „Господи, Боже мој! Нека се врати душата на ова момче во него!“ И Господ го слушна гласот на Или­ја, му ја врати душата на момчето во него, и тоа оживе. Илија го зеде момчето, го симна од горната соба во домот, ѝ го предаде на мајка му и рече: „Еве, син ти е жив!“ Тогаш жената му рече на Илија: „Сега навистина дознав дека ти си Божји човек, и дека словото Господово во твојата уста е вистинско.“

1 Царевите 17:8-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш му дојде Господовото слово на Илија: “Стани, оди во Сидонска Сарепта и остани таму. Еве, таму ѝ наредив на една вдовица да те храни.“ Тој стана и тргна во Сарепта. Кога стигна до градската врата, некоја вдовица собираше дрва таму; тој ѝ се обрати и рече: „Донеси ми малку вода во врчвата, да пијам!“ Кога тргна да донесе, тој викна по неа и ѝ рече: „Донеси ми и малку леб во раката!“ Таа одговори: „Живиот ми Господ, твојот Бог, јас немам печен леб, немам освен грст брашно во сад и малку масло во врчва. И еве собирам дрва, па ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за сина си, за да го поделиме и да умреме.“ Но Илија ѝ рече: „Не бој се. Оди и направи како што рече; само замеси ми првин колаче, па ми го донеси; а тогаш зготви си за себе и за сина си. Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Нема да снема брашно во садот, ниту ќе се испразни врчвата со масло, сѐ додека Господ не пушти да падне дожд на земјата.’“ Таа отиде и направи како што ѝ рече Илија; и имаа јадење за многу денови, таа, тој и нејзиниот син. Брашното од садот не се потроши и во врчвата не снема масло, според словото што Господ го рече преку својот слуга Илија. По овие збиднувања се разболе синот на домаќинката, и неговата болест се влоши многу, така што во него не остана здив. Тогаш таа му рече на Илија: „Што имам јас со тебе, Божји човеку? Зар дојде кај мене за да ме потсетиш на мојот грев и за да ми го усмртиш синот!“ Тој ѝ рече: „Дај ми го својот син!“ Тогаш го зеде од нејзината прегратка, го однесе во горната соба каде што живееше, и го положи во својата постела. Тогаш извика кон Господа и рече: „Господи, Боже мој, зар навистина сакаш да ја натажиш вдовицата, која ме нагости, умртвувајќи ѝ го синот?“ Потоа се испружи трипати над детето повикувајќи Го Господа: „Господи, Боже, направи да се врати во ова дете неговата душа!“ Господ ја послуша молбата на Илија, душата се врати во детето, и тоа оживе. Илија го зеде, слезе од горната соба во куќата и ѝ го даде на неговата мајка: и Илија рече: „Еве, твојот син е жив!“ Жената му рече: „Сега знам дека ти си Божји човек и дека Божјото слово во твојата уста е вистинито!“