Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЦАРЕВИ 17

17
2. Чудесно хранење на Илија
а. Гаврани при потокот Херит
1Тесвиецот Илија, од Галадската Тесва, му рече на Ахава: „Живиот ми Господ, Израелевиот Бог, Кому Му служам, во овие години ќе нема ни роса ни дожд, освен по моја заповед.“ 2Господовото слово му беше упатено вака: 3“Оди оттука и тргни кон исток, и скриј се при потокот Херит, што е спроти Јордан. 4Ќе пиеш од потокот, а на гавраните им заповедав да те хранат таму.“ 5Тој отиде и направи според Господовото слово, и се настани при потокот Херит, спроти Јордан. 6Гавраните му донесуваа леб наутро, а месо навечер; пиеше од потокот. 7Ама по некое време потокот пресуши, зашто немаше дожд во сета земја.
б. Вдовица во Сидонска Сарепта
8Тогаш му дојде Господовото слово на Илија: 9“Стани, оди во Сидонска Сарепта и остани таму. Еве, таму ѝ наредив на една вдовица да те храни.“ 10Тој стана и тргна во Сарепта. Кога стигна до градската врата, некоја вдовица собираше дрва таму; тој ѝ се обрати и рече: „Донеси ми малку вода во врчвата, да пијам!“ 11Кога тргна да донесе, тој викна по неа и ѝ рече: „Донеси ми и малку леб во раката!“ 12Таа одговори: „Живиот ми Господ, твојот Бог, јас немам печен леб, немам освен грст брашно во сад и малку масло во врчва. И еве собирам дрва, па ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за сина си, за да го поделиме и да умреме.“ 13Но Илија ѝ рече: „Не бој се. Оди и направи како што рече; само замеси ми првин колаче, па ми го донеси; а тогаш зготви си за себе и за сина си. 14Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Нема да снема брашно во садот, ниту ќе се испразни врчвата со масло, сѐ додека Господ не пушти да падне дожд на земјата.’“ 15Таа отиде и направи како што ѝ рече Илија; и имаа јадење за многу денови, таа, тој и нејзиниот син. 16Брашното од садот не се потроши и во врчвата не снема масло, според словото што Господ го рече преку својот слуга Илија.
в. Воскреснување на умрен вдовичин син
17По овие збиднувања се разболе синот на домаќинката, и неговата болест се влоши многу, така што во него не остана здив. 18Тогаш таа му рече на Илија: „Што имам јас со тебе, Божји човеку? Зар дојде кај мене за да ме потсетиш на мојот грев и за да ми го усмртиш синот!“ 19Тој ѝ рече: „Дај ми го својот син!“ Тогаш го зеде од нејзината прегратка, го однесе во горната соба каде што живееше, и го положи во својата постела. 20Тогаш извика кон Господа и рече: „Господи, Боже мој, зар навистина сакаш да ја натажиш вдовицата, која ме нагости, умртвувајќи ѝ го синот?“ 21Потоа се испружи трипати над детето повикувајќи Го Господа: „Господи, Боже, направи да се врати во ова дете неговата душа!“ 22Господ ја послуша молбата на Илија, душата се врати во детето, и тоа оживе. 23Илија го зеде, слезе од горната соба во куќата и ѝ го даде на неговата мајка: и Илија рече: „Еве, твојот син е жив!“ 24Жената му рече: „Сега знам дека ти си Божји човек и дека Божјото слово во твојата уста е вистинито!“

Селектирано:

1 ЦАРЕВИ 17: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност