Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 17:7-15

1 Царевите 17:7-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По извесно време потокот пресуши, бидејќи немаше дожд по целата земја. Тогаш Господ му рече: „Стани, оди во Сарепта кај Сидон и остани таму. Јас ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни.“ И стана тој, па отиде во Сарепта. Кога дојде кај градските порти, ете, таму една вдовица жена собира дрва. Тој ѝ се обрати и ѝ рече: „Донеси ми малку вода во сад да пијам!“ Таа отиде за да земе, а тој повика по неа и рече: „Донеси ми в раце и парче леб!“ Таа му одговори: „Ти се колнам во живиот Господ, нема ништо печено, туку имам само грст брашно во ноќвите и малку масло во масларникот; и, ете, јас ќе соберам две – три дрвца, ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за синот свој; ќе го изедеме тоа и ќе умреме.“ А Илија ѝ рече: „Не плаши се; оди и направи го она што го рече; но најнапред направи од тоа мала пресна пит­ка за мене и донеси ми; а за себе и за синот свој ќе направиш после; зашто вака вели Господ, Бог Израе­лов: ‚брашното во ноќвите нема да сврши, и маслото во масларникот, нема да се намали до оној ден, во кој Господ ќе даде дожд на земјата.‘“ Таа отиде и направи така, како што ѝ рече Илија и таа се хранеше, и тој и синот нејзин извесно време.

1 Царевите 17:7-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ама по некое време потокот пресуши, зашто немаше дожд во сета земја. Тогаш му дојде Господовото слово на Илија: “Стани, оди во Сидонска Сарепта и остани таму. Еве, таму ѝ наредив на една вдовица да те храни.“ Тој стана и тргна во Сарепта. Кога стигна до градската врата, некоја вдовица собираше дрва таму; тој ѝ се обрати и рече: „Донеси ми малку вода во врчвата, да пијам!“ Кога тргна да донесе, тој викна по неа и ѝ рече: „Донеси ми и малку леб во раката!“ Таа одговори: „Живиот ми Господ, твојот Бог, јас немам печен леб, немам освен грст брашно во сад и малку масло во врчва. И еве собирам дрва, па ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за сина си, за да го поделиме и да умреме.“ Но Илија ѝ рече: „Не бој се. Оди и направи како што рече; само замеси ми првин колаче, па ми го донеси; а тогаш зготви си за себе и за сина си. Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Нема да снема брашно во садот, ниту ќе се испразни врчвата со масло, сѐ додека Господ не пушти да падне дожд на земјата.’“ Таа отиде и направи како што ѝ рече Илија; и имаа јадење за многу денови, таа, тој и нејзиниот син.