1 Јован 4:7-21
1 Јован 4:7-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо чедо и дека Го познава Бога. Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов. Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него. Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас не сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови. Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг. Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас. Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас. Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека небесниот Татко Го испрати Синот, Исуса, да биде Спасител на светот. Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога. Сега знаеме колку многу Бог не сака и имаме доверба во Него. Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него. Ако искрено се сакаме и ако живееме онака како што живееше Исус, нема причина да се плашиме од Судниот ден. Љубовта не остава место за страв. Совршената љубов го исклучува стравот, бидејќи стравот подразбира казна, а тој што се плаши нема искрена љубов. Ние возвраќаме со љубов, зашто Бог прв не засака. Ако некој тврди дека има љубов спрема Бог, а мрази некој од христијаните, тој е лажливец. Ако не ги сака христијаните, кои му се пред очи, како ќе може да Го сака Бога, Кого не Го има видено? Христос ни даде ваква заповед: Тој што Го сака Бога, треба да ги сака и христијаните околу себе.
1 Јован 4:7-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го возљубивме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши. Возљубени, кога така нѐ возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг. Бога никој никогаш не Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас. Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух. И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спасител на светот. Кој исповеда дека Исус е Син Божји, во него пребива Бог, и тој – во Бога. И ние ја познавме љубовта, која Бог ја има кон нас; и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него. Љубовта во нас се усовршува затоа за да имаме смелост на судниот ден; бидејќи, како што е Тој, така сме и ние во овој свет. Во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта. Ние Го љубиме, бидејќи Тој отпрвин нѐ возљуби. Ако некој рече: „Го љубам Бога“ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој.
1 Јован 4:7-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога. А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов. Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нѐ возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови. Возљубени, ако Бог нѐ возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг. Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас. По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух. И ние гледавме и сведочевме дека Бог Таткото Го испрати Синот како Спасител на светот. Ако некој исповеда дека Исус е Син Божји, Бог останува во него и тој во Бога. И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него. Љубовта во нас дојде до совршенство во тоа: ние да имаме смелост во Судниот Ден, зашто каков е Тој, такви сме и ние во светов. Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот; зашто стравот вовлекува казна; а кој се бои, не дошол до совршенство во љубовта. Ние Го љубиме, зашто прво Тој нѐ возљуби нас. Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази брата си, лажец е; зашто кој не го љуби брата си, кого го видел, не може да Го љуби Бога, Кого не Го видел. И оваа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и својот брат.