Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Јован 4:7-21

1 Јован 4:7-21 MNT

Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо чедо и дека Го познава Бога. Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов. Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него. Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас не сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови. Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг. Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас. Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас. Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека небесниот Татко Го испрати Синот, Исуса, да биде Спасител на светот. Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога. Сега знаеме колку многу Бог не сака и имаме доверба во Него. Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него. Ако искрено се сакаме и ако живееме онака како што живееше Исус, нема причина да се плашиме од Судниот ден. Љубовта не остава место за страв. Совршената љубов го исклучува стравот, бидејќи стравот подразбира казна, а тој што се плаши нема искрена љубов. Ние возвраќаме со љубов, зашто Бог прв не засака. Ако некој тврди дека има љубов спрема Бог, а мрази некој од христијаните, тој е лажливец. Ако не ги сака христијаните, кои му се пред очи, како ќе може да Го сака Бога, Кого не Го има видено? Христос ни даде ваква заповед: Тој што Го сака Бога, треба да ги сака и христијаните околу себе.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со 1 Јован 4:7-21