Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 9:19-27

1 Коринтјаните 9:19-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Јас не бев должен да им се покорувам на луѓето, бидејќи од нив не добивав плата, но сепак им станав слуга на сите за да ги доведам кај Христос. Кога сум со Евреи, живеам како Евреин, за да ги доведам кај Христос. Тие му се потчинуваат на Мојсеевиот Закон, па и јас се придржувам кон истиот Закон, за да можам да ги доведам кај Христос, иако јас веќе не сум под тој Закон. Кога сум со луѓе што не го признаваат Мојсеевиот Закон, го оставам Законот настрана, та и нив да ги доведам кај Христос. Се разбира, јас не живеам без закон, зашто го почитувам Божјиот Закон, односно, се раководам од Христовиот закон. Кога сум со сиромаси и јас живеам како нив, па и нив да ги доведам кај Христос. Кон сите се сообразив, сите начини ги применив за да спасам некои од нив. Сето тоа го правам за да се шири Радосната вест, па и јас да уживам во благословите што таа ги носи. Знаете дека на трката трчаат сите натпреварувачи, но само еден ја добива наградата. И вие треба да трчате со цел да победите! Секој атлетичар се одрекува од многу нешта, за да добие награда што нема долго да вреди, а нашата награда вечно ќе вреди. Јас не трчам кон нешто неизвесно, не удирам во празно, туку го вежбам моето тело на издржливост и го обуздувам, за да не се случи, додека им проповедам на другите, самиот да испаднам од трката.

1 Коринтјаните 9:19-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Зашто, иако сум слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам: за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон; за оние што се без закон, станав ка­ко да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та на каков и да било начин да спасам некои од нив. А ова го правам поради Еван­ге­ли­ето за да бидам соучесник во него. Не знаете ли дека оние што се натпреваруваат на стадион, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така тр­чајте и вие, за да добиете. Секој натпреварувач се воздржува од сѐ: тие – за да добијат распадлив ве­нец, а ние – нераспадлив. Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира по ветар, туку го истоштувам и го поробувам телото, та проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен.

1 Коринтјаните 9:19-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Навистина, иако сум слободен од сите, се претворив во роб на сите, за да ги придобијам што повеќе. На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; на оние кои се под Законот им бев како и самиот да сум под Законот, иако јас не сум под Законот, за да ги придобијам оние, кои се под Законот. На оние, кои се без закон, им бев како да сум и јас без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние, кои се без закон. На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сѐ, та по секаков начин да спасам некои. А сѐ тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него. Не знаете ли дека во тркалиштето трчаат сите тркачи, но само еден добива награда! Трчајте така и вие, за да ја добиете! Секој натпреварувач се воздржува од сѐ; тие, за да добијат распадлив венец, а ние нераспадлив. Затоа јас трчам така, не како кон неизвесно; и се борам така, не како оној, кој го бие ветерот; туку го совладувам своето тело и го правам свој роб, та јас кој им проповедав на другите, да не бидам самиот непожелен.