1 Коринтјаните 3:5-15
1 Коринтјаните 3:5-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Кој е Аполос? Кој е Павле? Вреди ли заради нас да се карате? Ние сме само Божји слуги преку кои поверувавте. Секој од нас си ја извршуваше задачата дадена од Господ. Јас сеев, Аполос полеваше, но Бог овозможи семето да порасне. Не треба да се велича ни тој што сее, ни тој што полева, туку Бог, Кој овозможува семето да порасне. Оној што сее и оној што полева работат еднакво важни задачи и секој од нив ќе добие награда соодветна на вложениот труд. И Аполос и јас работиме за Бог, а вие сте Божја нива, Божја градба, а не наша. Користејќи ја дарбата што Бог милостиво ми ја даде, јас, како и секој мудар ѕидар, најпрво го поставив темелот, а други по мене ќе градат врз него. Но секој мора да внимава како ќе гради! Никој не смее да поставува друг темел, зашто тој е веќе поставен, а тоа е Исус Христос! Врз тој темел, некој ќе ѕида со злато, со сребро или со скапоцени камења, а друг со дрво, со сено или со слама. Но ќе дојде ден, кога сечие дело ќе излезе на видело! Секое дело, на секој христијанин, ќе биде проверено низ оган, за да му се утврди вистинската вредност. Ако делото издржи, градителот ќе добие награда; ако, пак, делото изгори, градителот ќе се соочи со голема загуба. Ќе се спаси, но како некој што поминал преку оган!
1 Коринтјаните 3:5-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Што е, впрочем, Павле, а што Аполос? Не се ли тие служители преку кои вие поверувавте, и тоа според она колку кому Господ му дал? Јас посадив, Аполос полеа, но Бог направи да израсне. Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту, пак, оној што полева, туку Бог, Кој прави да израсне. Кој сади и кој полева се едно; а секој ќе ја добие својата награда според својот труд. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божјо здание. Според Божјата благодат, што ми е дадена, јас, како мудар градител, поставив темел, а друг надѕидува; само секој нека пази како надѕидува. Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, а таа е Исус Христос. Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, сечие дело ќе се покаже јасно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита какво е делото на секого. И, ако делото на оној што ѕидал остане, тој ќе прими награда. А оној чие дело ќе изгори, тој ќе биде оштетен, а самиот ќе се спаси, но како низ оган.
1 Коринтјаните 3:5-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Па што е Павле? Што е Аполос? Слуги преку кои вие поверувавте и тоа според она, колку кому Господ му дал. Јас посадив, Аполос навади, но Бог прави да расте. Затоа: ниту оној кој сади, е нешто; ниту оној кој навадува, туку Бог, Кој прави да расте. А оној, кој сади и оној, кој вади - едно се, но секој ќе ја прими својата награда според својот труд. Ние сме соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда. Според Божјата благодат, која ми е дадена, јас, како мудар градител, ја поставив основата, а друг гради. Но секој да внимава како надградува. Зашто, никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос. И ако некој врз оваа основа ѕида злато, сребро, скапоцени камења, дрво, сено, слама, сечие дело ќе излезе на видело; Денот ќе го покаже, зашто ќе се открие во оган; а огнот ќе покаже какво е чие дело. Оној, кому ќе му остане тоа што го градел, ќе прими награда; а оној чие дело ќе изгори, тој ќе претрпи загуба, но самиот ќе се спаси, но така, како низ оган.