Што е, впрочем, Павле, а што Аполос? Не се ли тие служители преку кои вие поверувавте, и тоа според она колку кому Господ му дал? Јас посадив, Аполос полеа, но Бог направи да израсне. Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту, пак, оној што полева, туку Бог, Кој прави да израсне. Кој сади и кој полева се едно; а секој ќе ја добие својата награда според својот труд. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божјо здание. Според Божјата благодат, што ми е дадена, јас, како мудар градител, поставив темел, а друг надѕидува; само секој нека пази како надѕидува. Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, а таа е Исус Христос. Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, сечие дело ќе се покаже јасно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита какво е делото на секого. И, ако делото на оној што ѕидал остане, тој ќе прими награда. А оној чие дело ќе изгори, тој ќе биде оштетен, а самиот ќе се спаси, но како низ оган.