1 Коринтјаните 12:12-26
1 Коринтјаните 12:12-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Како што едно живо тело е составено од многу органи и сите тие многубројни органи сочинуваат едно исто тело, така е и со Црквата, која е Христово тело. Нас не има Евреи и припадници на други народи, некои од нас се робови, а некои слободни. Сепак Божјиот Дух сите нас не крсти и од нас направи едно тело. Секој од нас го прими истиот Дух. Телото не е составено само од еден орган, туку од повеќе органи. Ако ногата рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум рака!“ Дали тоа што е нога, а не рака, е причина да не се смета за дел од телото? Или ако увото рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум око!“ Дали тоа што е уво, а не око, е причина да не се смета за дел од телото? Ако целото тело беше само око, како ќе слушавме? Ако целото тело беше само уво, како ќе чувствувавме мириси? Но Бог го создаде нашето тело со многу органи и ги постави онаму каде што сметал дека им е местото. Ако има само еден орган, тоа нема да претставува тело! Телото е едно, но се состои од многу органи. Окото не може да и каже на раката: „Не си ми потребна!“, ниту главата може да им каже на нозете: „Не сте ми потребни!“ Напротив, органите што ни изгледаат послаби се многу понеопходни, а на оние што ги сметаме за понеугледни им посветуваме поголемо внимание! Значи, поголемо внимание им посветуваме на нашите понеугледни органи, зашто угледните органи немаат потреба од тоа. Бог така го составил телото, што им дал поголема чест на органите кои ние не ги истакнуваме. Така во самото тело нема неединство, туку органите еднакво се грижат еден за друг. Кога еден орган страда, со него страдаат сите органи. Кога на еден орган му се оддаде признание, со него се радуваат сите органи.
1 Коринтјаните 12:12-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени. Зашто и телото не се состои само од еден дел, туку од многу. Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум дел од телото, зар само заради тоа таа не припаѓа на телото? И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум дел од телото, зар поради тоа увото не припаѓа на телото? Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисот? Но Бог ги наредил деловите, секој од нив во телото така, како што посакал. Ако сите тие би биле само еден дел, тогаш каде е телото? А сега се, пак, многу делови, но сепак едно тело. И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна“, ниту, пак, главата на нозете: „Не сте ми потребни.“ Напротив, оние делови од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни; и на оние делови на телото, за кои сметаме дека се помалку чесни, им оддаваме повеќе почит; и нашите срамни делови добиваат поголема пристојност. Пристојните, пак, делови немаат потреба од чест. Но Бог го составил телото така, што им дал изобилна почит, на органите што ја немаат. За да нема раздори во телото, но деловите подеднакво да се грижат едни за други. А кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови.
1 Коринтјаните 12:12-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто, како што е телото едно, а има многу членови, и сите членови на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос: зашто ние сите сме крстени преку еден Дух во едно тело - било Јудејци, или Грци, било робови, или слободни. И сите сме напоени во еден Дух. Зашто телото не се состои од еден член, туку од многу. Ако ногата рече: „Бидејќи не сум рака, не му припаѓам на телото,“ тоа не ја прави да не е од телото. И ако увото рече: „Бидејќи не сум око, не му припаѓам на телото,“ тоа не го прави да не е од телото. Ако целото тело би било око, каде би бил слухот? Ако сѐ би било слух, каде би било мирисањето? Но Бог ги поставил членовите во телото; секој еден од нив, како што Му било угодно. Ако пак сите би биле еден член, каде би било телото? А сега се многу членови, а телото е едно. Не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна,“ или пак главата на нозете: „Не сте ми потребни!“ Туку попотребни се оние членови на телото, што изгледаат послаби. И поголемо почитување им даваме на оние членови на телото, за кои сметаме дека не заслужуваат почитување. Нашите неугледни членови имаат поголема пристојност; а на пристојните тоа не им треба. Но Бог го сложил телото, давајќи му поголема чест на оној член, кој ја нема, за да нема раздор во телото, туку членовите еднакво да се грижат еден за друг. И ако страда еден член, со него страдаат сите членови; или ако се слави еден член, сите членови се радуваат со него.