Зашто, како што е телото едно, а има многу членови, и сите членови на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос: зашто ние сите сме крстени преку еден Дух во едно тело - било Јудејци, или Грци, било робови, или слободни. И сите сме напоени во еден Дух. Зашто телото не се состои од еден член, туку од многу. Ако ногата рече: „Бидејќи не сум рака, не му припаѓам на телото,“ тоа не ја прави да не е од телото. И ако увото рече: „Бидејќи не сум око, не му припаѓам на телото,“ тоа не го прави да не е од телото. Ако целото тело би било око, каде би бил слухот? Ако сѐ би било слух, каде би било мирисањето? Но Бог ги поставил членовите во телото; секој еден од нив, како што Му било угодно. Ако пак сите би биле еден член, каде би било телото? А сега се многу членови, а телото е едно. Не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна,“ или пак главата на нозете: „Не сте ми потребни!“ Туку попотребни се оние членови на телото, што изгледаат послаби. И поголемо почитување им даваме на оние членови на телото, за кои сметаме дека не заслужуваат почитување. Нашите неугледни членови имаат поголема пристојност; а на пристојните тоа не им треба. Но Бог го сложил телото, давајќи му поголема чест на оној член, кој ја нема, за да нема раздор во телото, туку членовите еднакво да се грижат еден за друг. И ако страда еден член, со него страдаат сите членови; или ако се слави еден член, сите членови се радуваат со него.