Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Летописи 22:1-19

1 Летописи 22:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И рече Давид: „Еве го домот на Господ Бог, еве го и жртве­никот за сепаленици на Израел.“ Па заповеда Давид да ги соберат придојдените, што беа во земјата изра­елска и одреди каменоделци да делкаат камења за изградба на дом Божји. Давид подготви уште многу же­лезо за шајки по крилата на вратите и за куки, и многу бакар – без мерка, и кедрово дрво без број, зашто Сидонците и Тирците му доставија на Давид многу кедрово дрво. И рече Давид: „Синот мој Соло­мон е млад и слаб, а домот, што ќе се гради за Господ, треба да биде многу величес­твен, за слава и за приказ по сите земји; затоа јас ќе му приготвам сѐ што треба за него.“ И приготви Давид до смртта своја многу. И го повика синот свој Соломон и му заповеда да Му изгради дом на Господ, Бог Израелов. И му рече Давид на Соломон: „Сине, имав на срце да изградам дом на името на мојот Господ, Бог, но дојде кон мене словото Госпо­дово и ми се рече: ‚Ти си пролеал многу крв и си водел големи војни; ти не бива да градиш дом на името Мое, зашто си пролеал многу крв на земјата пред лицето Мое. Еве, ќе ти се роди син: тој ќе биде мирен човек; ќе му дадам спокојство од сите околни непријатели, затоа името негово ќе биде Соломон. Во неговите дни ќе му дадам на Израел мир и спо­којство. Тој ќе изгради дом на името Мое и ќе Ми биде син, а Јас нему – Татко, и та­ка ќе го зацврсти престолот на царството негово над Израел довека.‘ А сега, сине, Господ нека биде со тебе, та да имаш благослов и да Му изградиш дом на Господ, твојот Бог, според тоа како што Тој рече за тебе. Да ти даде Господ мудрост и разум и да те постави над Израел; и запази го законот на Господ, твојот Бог! Така ќе имаш успех, кога ќе земеш да ги извршуваш наредбите и законите, што Господ му ги заповеда на Мојсеј за Израел. Биди цврст и храбар, не плаши се и не паѓај со духот! И еве, јас со мака приготвив за домот Господов сто илјади кикари зла­то, илјада кикари сребро, а бакарот и железото мерка немаат, зашто се во големи количини; дрва и камења исто така подготвив, а ти придодај уште кон тоа. Имаш многу работници, и камено­делци, и резбари, и дрводелци, и вешти луѓе за секаква работа. Злато, сребро, бакар и железо – без број; продолжи и работи; Господ ќе биде со тебе.“ И им заповеда Давид на сите на­чалници израелски да му помагаат на синот негов Соломон: „Зар не е со вас Господ, Бог наш, Кој ви даде спокојство од секаде? Зашто Тој ги предаде во мои раце жи­телите на оваа земја, и земјата се покори пред Господ и пред Неговиот народ. И така, расположете го срцето свое и душата своја, за да Го побарате Гос­под, вашиот Бог. Станете и изградете Му светилиште на Господ Бог, за да го пренесете ковчегот на заветот Господов и свештените садо­ви Божји во домот, што ќе се гради на името Господово!“

1 Летописи 22:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа Давид рече: „Ова е Домот на Господа и ова е жртвеник за паленици на Израел!“ Давид заповеда да се соберат странците, кои беа во Израелската Земја и одреди каменоресци, за да делкаат прописно камења за изградбата на Божјиот Дом. Давид приготви многу железо за клинци на крилата на вратите и за рачките; и без мера многу бронза. Многу кедровина, зашто Сидонците и Тирците му довезуваа многу кедрови дрва на Давида. Зашто Давид мислеше: „Мојот син Соломон е млад и нежен, а Домот што треба да Му биде изграден на Господа треба да биде величествен, за слава и чест по сите земји. Ајде да му подготвам се.“ И Давид подготви многу нешта пред својата смрт. Потоа го повика синот Соломон и му заповеда да Му изгради Дом на Господа, на Израелевиот Бог. Уште Давид му рече на Соломона: „Сине! Посакав во своето срце да Му изградам Дом на Името на Господа, својот Бог. Но ми дојде Господовото слово: „Многу крв пролеа и водеше големи војни; не ќе Му изградиш ти Дом на Моето Име; зашто пролеа многу крв на земјата пред Мене. Ете, ќе ти се роди син; тој ќе биде мирољубец, и ќе му дадам мир од сите негови непријатели отсекаде наоколу; името ќе му биде Соломон. Ќе му дадам мир и тишина на Израел во негово време. Тој ќе Му изгради Дом на Моето Име, тој ќе Ми биде син, а Јас ќе му бидам Татко нему, и ќе го утврдам неговиот царски престол над Израел довека.“ Сега, сине мој, Господ нека биде со тебе за да успееш за да Му изградиш Дом на Господа, својот Бог, како што рече за тебе. Само Господ нека ти даде разум и мудрост кога ќе те постави над Израел, затоа да го пазиш Законот на Господа, својот Бог! Ќе бидеш среќен ако ги вршиш внимателно одредбите и законите кои Господ му ги даде на Израел преку Мојсеја. Биди мажествен и храбар, не бој се и не плаши се! Еве, јас при мојата скудност подготвив за Господовиот Дом сто илјади златни таланти, и илјада илјади сребрени таланти, а бронза и железо без мера, зашто го има толку многу. Подготвив и дрва и камења, а и ти додај нешто кон тоа. Имаш многу добри работници, каменоресци, ѕидари, дрводелци и секакви вештаци во секое умеење; златото, среброто, бронзата и железото немаат мера; и така, оди и гради, и Господ нека биде со тебе!“ Тогаш Давид им заповеда на сите израелски кнезови да му помагаат на неговиот син Соломон: “Не е ли со вас Господ, вашиот Бог, Кој ви даде мир отсекаде наоколу, зашто ги предаде во мои раце жителите на оваа земја, и земјата е покорена пред Господа и пред Неговиот народ. И така, сега дајте со своето срце и со својата душа да Го барате Господа, својот Бог; одете и градете Му Светилиште на Господа Бога, внесете го Ковчегот на Господовиот Завет и светите Божји посатки во Домот што ќе Му биде изграден на Господовото Име.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност