Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Летописи 17:1-15

1 Летописи 17:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога Давид живееше во својот дом, му рече на пророкот Натан „Еве, јас живеам во кедров дом, а ковчегот на заветот Господов е под шатор.“ А Натан му одговори на Давид: „Прави сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.“ Но во истата ноќ му дојде словото Божјо на Натан: „Оди и кажи му на слугата Мој Да­вид: вака вели Господ: Ти нема да ми изградиш дом, каде што ќе живеам, зашто Јас не сум живеел во дом од денот кога ги изведов синовите Израе­лови, и до денес, а одев од шатор во ша­тор и од живеалиште во живеалиште. Каде и да одев со сиот Израел, му реков ли, макар и збор, на некого од судиите израелски, на кои им бев заповедал да му бидат пастири на Мојот народ: ‚зошто не ми изградите кедров дом?‘ И сега вака кажи му на Мојот слуга Давид: вака вели Господ Са­ваот: Те зедов од овчото стадо, за да те направам водач на Мојот народ Израел; бев со тебе секогаш, каде и да одеше, ги поразив сите твои непријатели пред лицето твое и го направив името твое како името на великаните по земјата; подготвив место за Мојот народ Из­раел, го зацврстив, и тој ќе живее спокојно на своето место, и нема повеќе да го вознемируваат, нечести­вите нема повеќе да го притискаат, како порано, во она време кога Јас бев поста­вил судии над Мојот народ Израел, и Јас ги бев покорил сите твои непријатели, и те известив дека Господ ќе ти изгради дом. Кога ќе се исполнат твоите дни, и ти ќе се прибереш кај татковците свои, тогаш ќе го подигнам твоето семе по тебе, што ќе биде од синовите твои, и ќе го зацврстам царството негово. Тој ќе Ми изгради дом, и ќе го утврдам престолот негов засекогаш. Јас ќе му бидам Татко, и тој ќе Ми биде син, и милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од оној што беше пред тебе. Ќе го утврдам во Мојот дом и во Моето царство засекогаш, престолот негов ќе биде вечно цврст.“ Сите тие зборови и целото видение Натан точно му ги раскажа на Давид.

1 Летописи 17:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Давид се настани во дворецот, му рече на пророкот Натан: „Погледај! Еве, јас живеам во дворец од кедрово дрво, а Ковчегот на Господовиот Завет под завеси!“ Натан му одговори на Давида: „Прави, што ти е на срцето, зашто Господ е со тебе.“ Но уште во истата ноќ му дојде на Натана ова Божјо слово: “Оди и кажи му на Мојот слуга Давид: ‘Господ зборува вака: „Ти нема да Ми направиш куќа за да живеам во неа. Никогаш не престојував во куќа откако го изведов Израел од Египет па до денешниот ден, туку одев од шатор до шатор, и од престојувалиште до престојувалиште. Додека одев со сиот Израел, дали му реков еден збор на некој од израелевите судии, на кои им заповедав да му бидат пастири на Мојот народ, и дали му кажав: ‘Зошто не Ми изградите куќа од кедрово дрво?’“‘ Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од пасиштата, од овците и од козите, за да бидеш кнез над Мојот Израелски народ. Бев со тебе каде и да одеше, ги истребив сите твои непријатели пред тебе. Јас ќе ти набавам големо име, како што е името на големците на земјата. Ќе му одредам престојувалиште на Својот Израелски народ и ќе го посадам за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту да го измачуваат неправедниците како порано, тогаш кога одредив судии над Својот Израелски народ. Ќе ги покорам сите твои непријатели и ќе те направам голем, Господ ќе ти подигне дом. Зашто кога ќе се исполнат твоите животни денови и кога ќе дојде времето да починеш кај татковците, ќе го подигнам твојот потомок по тебе, кој ќе биде од твоите синови, и ќе го утврдам неговото царство. Тој ќе Ми изгради дом, а Јас ќе го утврдам неговиот престол засекогаш. Јас ќе му бидам нему татко, а тој ќе Ми биде Мене син: нема да ја одвратам Мојата милост од него, како што ја одвратив од неговиот претходник. Ќе го утврдам во Мојот дом и во Моето царство довека, и неговиот престол ќе му стои цврсто засекогаш.“‘“ Натан му ги пренесе на Давида сите тие зборови и целото видение.