Дела 14
14
Павле и Варнава во Иконија
1Во Иконија тие заедно влегоа во јудејската синагога, и зборуваа така што големо мноштво Јудејци и Елини поверуваа. 2А Јудејците, што не поверуваа, ги побунија и раздразнија душите на незнабошците против браќата. 3#3,12; 19,11Но тие сепак останаа тука доста време и смело говореа за Господ, Кој сведочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да се случуваат знаци и чуда. 4А народот во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите. 5И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се подготвуваа дрско да ги навредуваат и да ги каменуваат, 6тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дерва и во нивната околина; 7и таму благовестеа.
Исцелувањето на куциот човек. Беседата на Павле во Листра
8Во Листра седеше еден човек, немоќен во нозете, куц од мајчината утроба, кој никогаш не можел да оди. 9#3,4Тој слушаше додека Павле зборуваше; а Павле, го впери погледот во него и виде дека тој има вера за да оздрави, 10па му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!“ И тој скокна и почна да оди. 11А кога народот виде што направи Павле, го подигна гласот и извика на ликаонски: „Боговите слегле кај нас во човечки лик!“ 12И Варнава го нарекоа Зевс, а Павле Хермес, бидејќи тој го водеше зборот. 13Жрецот, пак, на Зевс, чиј кип се наоѓаше пред нивниот град, доведе јунци и донесе венци пред портата, и сакаше заедно со народот да принесе жртва. 14#Мт 26,65Но кога апостолите Варнава и Павле слушнаа за тоа, ги раскинаа своите облеки и се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи: 15#3,12; 4,24; 10,26; 17,24; 2 Мојс 20,11; Пс 145,6; 1 Сол 1,9„Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни луѓе како и вие, но ви благовестиме за да се одвратите од овие празноверија кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; 16#17,30Кој во минатите поколенија ги остави сите народи да одат по своите патишта, 17#Пс 144,16; Пс 145,8па сепак не се остави Себеси непосведочен, правејќи добро, давајќи ви дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги нашите срца со храна и веселба.“ 18И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва. 19#2 Кор 11,25Тогаш, од Антиохија и од Иконија пристигнаа некои Јудејци. И кога го придобија народот, го каменуваа Павле, па го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов. 20Кога учениците се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента со Варнава заминаа за Дерва.
Враќање од мисионерското патување во Сирија и Антиохија
21И, откако го проповедаа благовестието во тој град и придобија мнозина ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиохија. 22#11,23; 13,43Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки. 23#1 Тим 3,3Па, откако им ракоположија презвитери за секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господ, во Кого беа поверувале. 24А потоа минаа низ Писидија, и дојдоа во Памфилија; 25и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија, 26#13,2; 15,40а оттаму отпловија за Антиохија, од каде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. 27По нивното пристигнување тие ја собраа црквата, и соопштија за сѐ, што направи Бог со нив и како Тој ја отвори вратата на верата и за незнабошците. 28И таму поминаа доста време со учениците.
Селектирано:
Дела 14: MAK2023
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023