Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 22

22
1Потоа ангелот ми ја покажа животодавната река, која беше блескаво-бистра како кристал. Таа извираше од престолот на Бог и на Јагнето
2и го продолжуваше својот тек по централната улица во градот. На обете страни од реката, по должината на целиот нејзин тек, има насадено дрвја кои раѓаат плодови секој месец - дванаесет пати во годината. Плодовите се животодавни, а лисјата од дрвјата служат за исцелување на народите.
3Таму нема веќе да има проколнување. Престолот на Бог и на Јагнето ќе биде во градот. Божјите луѓе ќе Му се поклонуваат на Бог,
4и ќе Го гледаат Божјото лице, а Неговото име ќе им биде напишано на челата.
5Таму ноќ ќе нема, а на тамошните жители нема да им треба ни светилка, ни Сонце. Самиот Господ Бог ќе им биде Светлина и тие ќе царуваат во вечни векови.
6Потоа ангелот ми рече: „Ова што ти го кажувам е вистина и ќе се оствари. Господ Бог, Кој на Своите пророци им открива што ќе се случи во иднината, испрати Свој ангел за да им објави на Своите следбеници што ќе се случи во скорашно време.“
7Исус порачува: „Очекувајте Ме, зашто брзо ќе се вратам! Благословен ќе биде секој што се придржува до напишаното во оваа пророчка книга!“
8Јас, Јован, го чув и го видов сето ова. Откако го ислушав и видов сето ова паднав ничкум пред нозете на ангелот што ми го беше покажал сето ова, со намера да му се поклонам.
9Но тој ми рече: „Немој, не прави го тоа! И јас сум само Божји служител, како и ти, како што се и пророците и сите други што им се послушни на зборовите запишани во оваа книга. На Бог поклони Му се!“
10Уште ми рече: „Не запечатувај ги пророштвата запишани во оваа книга, зашто овие работи наскоро ќе се остварат.
11Злите луѓе ќе продолжат да вршат зло, испоганетите умови ќе продолжат да се поганат. Но, праведните луѓе ќе продолжат да живеат праведно, Божјите луѓе секогаш ќе бидат свети.“
12Потоа Исус ми рече: „Очекувајте Ме, зашто наскоро ќе се вратам! Тогаш ќе го наградам секого според делата.
13Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Зачетникот и Завршителот.
14Благословени ќе бидат оние што ,своите облеки си ги перат‘; тие ќе добијат право да јадат од плодовите на Дрвото на животот и да влезат во градот низ портите.
15А надвор од градот ќе останат ,кучињата‘, вражачите, блудниците, убијците, обожавателите на идоли и сите што ја сакаат лагата и што лажат.
16Јас, Исус, испратив Свој ангел по црквите за да ве извести за ова. Јас Сум Потомок од коренот на Давид, Јас Сум сјајната Ѕвезда Деница!“
17Духот и Невестата велат: „Дојди!“ И секој што ќе го слуша ова, треба да рече: „Дојди!“ И секој што е жеден нека дојде и секој што сака нека повели и нека земе од бесплатната животодавна вода.
18А испраќам и предупредување до секој што ќе ги чуе пророштвата запишани во оваа книга: Никој ништо да не додава кон ова, зашто на таквиот Бог ќе му ги додаде сите казни опишани во оваа книга!
19А ако некој одземе нешто од пророчките објави во оваа книга Бог ќе му го одземе правото на пристап до Дрвото на животот и до Светиот град, опишани во оваа книга.
20Оној што гарантира за вистинитоста на сето ова ни порачува: „Наскоро ќе се вратам!“ Амин! Дојди, Господе Исусе!
21Господ Исус нека биде милостиво благонаклонет спрема сите вас.

Селектирано:

Откровение 22: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност