Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 17

17
1Потоа еден од седумте ангели што ги истурија седумте садови дојде кај мене и ми рече: „Дојди да ти покажам како Бог ќе и пресуди на бесрамната блудница - таа што седи над многу води.
2Со неа блудничеа сите земни владетели; таа ги опи жителите на Земјата со своите бесрамни постапки, како со опојно вино.“
3Ангелот ме пренесе со духот во пустината; таму видов една жена качена на црвен Ѕвер. Ѕверот беше полн со богохулни натписи и имаше седум глави и десет рогови.
4Жената беше облечена во пурпурно-црвени облеки и носеше накит од злато, скапоцени камења и бисери. Во раката таа држеше златна чаша полна со гнасните и валкани дела на нејзиниот неморал.
5На челото и беше напишан натпис што има таинствено значење и гласи: „Јас сум величествениот Вавилон, мајка на блудниците и гнасотиите на Земјата“
6Забележав дека жената беше пијана од крвта на Божјите луѓе и од крвта на Исусовите следбеници. Оваа глетка многу ме изненади и ме зачуди.
7Затоа ангелот ми рече: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја објаснам тајната за оваа жена и за Ѕверот со седум глави и со десет рогови што ја носи:
8Ѕверот што го виде, порано постоеше, а сега го нема. Тој од Бездната ќе излезе уште еднаш, но само за да заврши во пропаст. Сите жители на Земјата чии имиња не се запишани во Книгата на животот уште пред создавањето на светот, ќе се зачудат кога ќе го видат Ѕверот кој постоеше, а сега го нема, како се појавува уште еднаш.
9За ова е потребна мудрост и проникливост! Седумте глави на кои седи жената, се седум ридови. Истовремено, седумте глави претставуваат седум владетели.
10Пет од нив веќе паднаа, шес-тиот владее сега, а седмиот допрва треба да дојде. Кога ќе дојде тој, ќе владее само кратко време.
11Понатаму, ти го виде и црвениот Ѕвер кој постоеше, а сега повеќе го нема. Ѕверот е, всушност, еден од седумте владетели кој повторно ќе се појави како осми по ред, но ќе биде уништен.
12Десетте рогови што ги виде претставуваат десет други владетели, кои се уште не се на власт, а ќе дојдат на власт заедно со Ѕверот и ќе владеат само кратко време.
13Сите тие едногласно ќе се сложат да му ја предадат сета власт и сите свои овластувања на Ѕверот.
14Овие владетели ќе војуваат против Јагнето, но Јагнето, придружувано од повиканите, избраните и верни следбеници, ќе ги победи, бидејќи Тоа е Господар над господарите и Владетел над владетелите.“
15Ангелот продолжи да ми објаснува: “Големите води што ги виде, врз кои седеше блудницата, претставуваат многу луѓе, од сите раси и јазици.
16Но десетте рогови, кои ги претставуваат десетте владетели и црвениот Ѕвер, ќе почнат да ја мразат бесрамната блудница. Тие наполно ќе ја опустошат и соголат, месото ќе и го изедат, а нејзе на оган ќе ја изгорат,
17зашто, под влијание на Бог, овие владетели едногласно ќе се сложат да му ја предадат сета своја власт на црвениот Ѕвер. Со тоа ќе се остварат Божјите планови.
18А жената што ја виде, го претставува големиот град што управува со сите владетели на Земјата.“

Селектирано:

Откровение 17: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се