Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 15

15
1Рано утредента, свештеничките поглавари, народните старешини и вероучителите се состанаа заедно со Врховниот совет. Тие Го врзаа Исуса и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат, предавајќи го во негова надлежност.
2Пилат почна да Го испрашува: „Ти ли си Царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“
3Свештеничките поглавари изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.
4Пилат повторно Го праша: „Зар нема ништо да кажеш на овие тешки обвиненија против Тебе?“
5Но Исус на ништо повеќе не одговараше, на што Пилат многу се чудеше.
6А на секој празник Пасха гувернерот им пушташе од затвор еден затвореник, по избор на народот.
7Во тоа време в затвор беше еден човек по име Бараба, уапсен заедно со други бунтовници кои за време на еден бунт извршиле убиства.
8Народот се качи горе кај Пилат и побара да им пушти еден затвореник, како и обично.
9Пилат ги праша: „Сакате ли да ви Го пуштам Царот на Евреите?“
10Пилат знаеше дека свештеничките поглавари му го доведоа Исуса од завист.
11Но свештеничките поглавари го наговорија народот од Пилат да бара ослободување на Бараба.
12Пилат повторно му се обрати на народот, прашувајќи го: „А што да правам со овој човек што Го нарекувате Цар на Евреите?“
13Тие гласно извикаа: „Распни Го на крст!“
14Пилат ги праша: „А какво злосторство извршил?“ Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“
15Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исуса Го предаде на камшикување, а потоа и на римските војници да Го распнат.
16Војниците Го воведоа Исуса во дворот на палатата, во таканаречениот ,преториј‘ и повикаа уште цела чета војници.
17Му облекоа црвена наметка, а на главата Му ставија венец исплетен од трнови гранчиња.
18Потоа почнаа да Му се подбиваат, викајќи: „Здраво, Цару на Евреите!“
19Го удираа по главата со стап, Го плукаа и Му се клањаа, преправајќи се дека Го обожаваат.
20Откако доволно се подбиваа со Исус, Му ја соблекоа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата облека. Потоа Го поведоа на распнување.
21Натераа еден случаен минувач, кој се враќаше од полето, да го носи крстот за распнување на Исус. Човекот се викаше Симон и по потекло беше од Киренеја. Тој им беше татко на Александар и на Руфус.
22Војниците Го одведоа Исуса на Голгота, што во превод значи ,Череп‘.
23Таму се обидоа да Му дадат да се напие вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но Тој не сакаше да го пие.
24Го распнаа Исуса на крст, а Неговата облека со жрепка си ја разделија меѓу себе.
25Беше околу девет часот претпладне кога Го распнаа Исуса.
26Поставија и натпис кој ја опишуваше Неговата вина. Натписот гласеше: „Цар на Евреите“.
27Заедно со Исус распнаа и двајца злосторници: едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус.
28(Со тоа се исполни Светото Писмо, кое претскажа: ,Ќе биде изедначен со злосторници‘.)
29Минувачите Го навредуваа Исуса, нишаа глави и говореа: „Ти што тврдеше дека ќе ни го урнеш храмот и за три дена повторно ќе го изградиш,
30слези од крстот и спаси се!“
31На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари и вероучителите, велејќи: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси!
32Ако е Тој Месијата и царот на Израел - нека слезе сега од крстот! Да видиме, па ќе поверуваме!“ Го навредуваа дури и оние што беа распнати со Него.
33Напладне се спушти густа темнина по целата земја и траеше до петнаесет часот.
34Во петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’мах ш’вактани!?“ Тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“
35Некои од присутните го слушнаа ова, но погрешно го разбраа, па рекоа: „Го довикува Илија!“
36Еден од нив веднаш истрча, натопи сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Потоа рече: „Чекајте да видиме дали ќе се појави Илија да Го симне!“
37Исус уште еднаш извика со силен глас и умре.
38Во истиот момент, завесата во храмот се расцепи на два дела, озгора додолу.
39Таму, спроти Исус, стоеше и еден римски офицер. Кога Тој виде како умре Исус, рече: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“
40Тука, на Голгота, беа и извесен број жени, кои оддалеку набљудуваа. Меѓу нив беа: Марија од Магдала, Марија - мајката на браќата Јаков помладиот и Јосиф, потоа Салома и многу други.
41Овие жени дојдоа во Ерусалим заедно со Исус, а со Него одеа и Му помагаа уште во Галилеја.
42Настапи вечерта, спроти сабота, кога Евреите се подготвуваат за саботен одмор.
43Еден човек, по име Јосиф, од Ариматеја, кој беше истакнат член на еврејскиот Врховен совет, а и самиот го очекуваше Божјото царство, храбро влезе кај Пилат и Го побара телото на Исус.
44Пилат се изненади дека Исус веќе умрел, па го повика одговорниот офицер за да провери колку време има откако Исус умрел.
45Штом ја доби оваа информација, Пилат му одобри на Јосиф да го земе Исусовото мртво тело.
46Јосиф купи платно, го симна телото на Исус од крстот и го завитка во платното. Потоа го положи во гробницата што беше издлабена во карпа и влезот го затвори со голем камен.
47Марија од Магдала и другата Марија - мајката на Јосиф - внимателно гледаа каде беше положено телото на Исус.

Селектирано:

Марко 15: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност