Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 9:18-38

Maтеј 9:18-38 MNT

Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици. А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ Исус се сврте, ја погледна и ђ рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве. Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. За ова чудо се разгласи по целиот крај. Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“ Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“ Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова. Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај. Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух. Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“ А фарисеите, пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“ Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања. Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку. Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност