Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 9:18-31

Maтеј 9:18-31 MNT

Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици. А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ Исус се сврте, ја погледна и ђ рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве. Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. За ова чудо се разгласи по целиот крај. Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“ Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“ Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова. Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај.