Потоа Исус им ја кажа следнава споредба, за да им покаже дека треба постојано да се молат и да не се обесхрабруваат.
„Во еден град имаше судија кој немаше ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето.
Во истиот град имаше и една вдовица, која честопати доаѓаше кај него и го молеше: ,Заштити ме од мојот противник!‘
Судијата долго време не преземаше ништо, но најпосле си рече: ,Иако јас немам ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето,
сепак, заради упорноста на оваа жена ќе се заложам за неа, за да престане да доаѓа и да ми додева!‘“
Во продолжение, Господ рече: „Чувте ли што рекол неправедниот судија?
Зар нема и Бог да се заземе за Своите луѓе, кои Му се молат дење и ноќе!? Зар ќе задоцни со Својата помош?
Ве уверувам дека Тој брзо ќе се заземе за нив! Само, ќе најдам ли Јас, Синот Човечки, луѓе што ќе имаат вера кога ќе се вратам на Земјата?“
За оние што беа самоуверени во својата праведност и ги потценуваа другите, Исус ја кажа следнава споредба:
„Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок.
Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде!
Двапати неделно постам и во храмот давам десеток од сите мои приходи!‘
А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!‘
Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо - ќе биде понижен, а оној што се понизува - ќе биде издигнат!“