Исус продолжи: „Еден човек имаше два сина.
Дојде кај него помладиот син и му рече: ,Татко, дај ми го мојот дел од имотот, сега!‘ И таткото им го раздели имотот.
По неколку дни помладиот син го продаде својот дел и замина со парите во далечна земја. Таму ги потроши сите пари, живеејќи во разврат.
Кога потроши сe што имаше, земјата ја зафати голем глад и тој се најде во немаштија.
Отиде како наемник кај еден тамошен човек, кој го прати в поле да му ги чува свињите.
Страден беше да си го наполни стомакот со желадите што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
Конечно, тој се свести и рече: ,Сите наемници кај татко ми имаат храна во изобилство, а јас овде гладувам!
Ќе станам, ќе појдам кај татко ми, и ќе му речам: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе!
Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син. Прими ме кај тебе како наемник!‘
Така тој стана и се упати кај татка си. Додека тој беше уште далеку, таткото го здогледа како доаѓа. Му падна жал и му притрча во пресрет, го гушна и го бакна.
Синот почна да му зборува, велејќи: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе! Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син ...‘
Но таткото го прекина, заповедајќи им на своите слуги: ,Донесете ја бргу најдобрата облека и облечете го! Ставете му и прстен на раката и обувки на нозете!
Доведете го најдоброто теле, заколете го - да јадеме и да го прославиме ова,
зашто, овој син беше мртов за мене, а сега оживе; беше загубен, а сега е најден!‘ И така започна прославата.
Постариот син, пак, беше на нива. Враќајќи се дома, тој уште оддалеку слушна песни и игри,
па, повикувајќи еден од слугите, го праша што се случува.
,Брат ти се врати‘ - му одговори слугата, ,па татко ти го закла најдоброто теле, радосен што го виде здрав.‘
Постариот брат се налути и не сакаше да влезе дома. Излезе татко му и почна да го моли.
Но тој му рече на татка си: ,Јас ти работев како роб сиве овие години и никогаш не ти бев непослушен, а ти ниеднаш не ми даде ни едно јаре за да се провеселам со пријателите.
А кога се врати овој твој син, кој по блудници го потроши сиот свој имот, за него го закла најдоброто теле!‘
Таткото му одговори: ,Сине, ти си секогаш овде, со мене, и сe што е мое е и твое.