Јован 7
7
1По ова, Исус се движеше во границите на Галилеја. Тој повеќе не сакаше да се задржува во Јудеја, затоа што еврејските верски водачи сакаа да Го убијат.
2Наближуваше еврејскиот празник Сеници.
3Неговите браќа Му рекоа: „Оди во Јудеја, за да можат Твоите следбеници да ги видат делата што ги вршиш!
4Никој не дејствува во тајност, ако сака да стане познат. Штом ги правиш овие чуда, тогаш објави му се на светот!“
5(Зашто, ни Неговите браќа не веруваа во Него.)
6Исус им одговори: „Се уште не е дојден вистинскиот момент за Мене, а за вас секое време е погодно.
7Вас светот не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, затоа што постојано му зборувам за неговите зли дела и гревови.
8Одете вие на празникот. За Мене се уште не е погоден моментот да тргнам на овој празник во Ерусалим.“
9Тој го рече тоа, и остана во Галилеја.
10А кога Неговите браќа заминаа на празникот, тогаш и Исус се искачи во Ерусалим, но не јавно, туку скришно.
11Еврејските верски водачи, пак, Го бараа за време на празникот и прашуваа: „Каде е Тој?“
12Во толпата народ многу се шепотеше за Исус. Едни велеа дека е добар, а други велеа: „Тој го мами народот!“
13Но, никој не зборуваше јавно за Него, поради страв од еврејските верски водачи.
14Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува.
15Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал!?“
16Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати.
17Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам.
18Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда.
19Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“
20„Ти си полудел!“ - му одговорија од толпата - „Кој сака да те убие!?“
21Исус им одговори: „Исцелив еден човек во сабота и сите се стаписавте!
22Мојсеј ви го воспостави обрежувањето (не дека е од Мојсеј, туку од патријарсите е), и вие и во саботен ден ги обрежувате вашите синови.
23Штом вршите обрежување во саботен ден и сметате дека со тоа не се прекршува Законот на Мојсеј, тогаш зошто сте бесни на Мене поради тоа што исцелив човек во сабота!?
24Не судете површно, туку судете справедливо!“
25Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: „Зар не е овој човекот што Го бараат за да Го убијат?
26А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!?
27Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“
28Додека поучуваше во храмот, Исус извика: “Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате.
29А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“
30Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи за тоа.
31Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“
32Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари за да Го уапсат Исуса.
33Но Исус им рече: “Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати.
34Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“
35Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг: “Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците?
36Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“
37А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие!
38Како што вели Светото Писмо: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“
39(Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.)
40Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк!“
41Други велеа: „Овој е Месијата!“ Но останатите говореа: „Зар од Галилеја ќе дојде Месијата!?
42Зарем Светото Писмо не вели дека Месијата ќе дојде од поколението на Давид и од родниот град на Давид?“
43Така настана поделба меѓу луѓето во однос на Исус.
44Некои од нив сакаа да Го уапсат, но никој не посегна по Него.
45Стражарите, пак, се вратија кај свештеничките поглавари и кај фарисеите, а тие ги запрашаа: „Зошто не Го уапсивте?“
46„Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој Човек!“ - одговорија стражарите.
47Фарисеите, пак, им рекоа: „Да не се прелажавте и вие?
48Не гледате ли дека никој од старешините и од фарисеите не верува во Него!?
49Но овој проклет народ, кој не го знае Мојсеевиот Закон, се заведува по Него!“
50Меѓу фарисеите беше и Никодим, кој порано беше Го посетил Исуса; тој им рече:
51„Нашиот закон не дозволува некој да биде осуден, без претходно да биде сослушан и да се дознае што направил!“
52Тие, пак, му одговорија: „И ти ли си од Галилеја!? Проучи ги светите писма и увери се дека никаков пророк нема да дојде од Галилеја!“
53Потоа тие се разотидоа, секој во својот дом.
Селектирано:
Јован 7: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.