Потоа, знаејќи дека целокупното Негово дело е завршено, а за да се исполни Светото Писмо, Исус рече: „Жеден сум!“ Таму имаше еден сад полн со вински оцет. Откако закачија сунѓер натопен во винскиот оцет на една прачка од хисоп, Му го принесоа до устата. Штом вкуси од винскиот оцет, Исус рече: „Се сврши!“ Потоа ја наведна главата и умре. Тој ден, петок, беше денот на подготовка за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата. Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус. А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете. Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода. Знаеме дека сето ова е точно, затоа што го кажува човекот што лично беше таму и со свои очи виде. Затоа можете да верувате и вие. Ова се случи за да се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена.“ На друго место Писмото вели: „Ќе Го гледаат Оној што Го прободоа.“ Подоцна Јосиф од градот Ариматеја, кој беше таен Исусов следбеник, поради страв од Евреите, побара од Пилат да му го даде телото на Исус. Пилат му одобри и Јосиф отиде и го зеде телото од крстот. Дојде и Никодим со околу триесет и четири килограми смеса од ароматични смоли. Тоа беше оној Никодим кој порано беше дошол кај Исус ноќе. Тие го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во платно, заедно со ароматичните смоли, според еврејскиот обичај на подготвување за погреб. А на местото каде што Го распнаа имаше една градина и во неа една нова гробница, во која се уште никој не беше погребуван. Таму го положија телото на Исус, зашто гробот беше близу, а тие се брзаа, бидејќи беше ден на подготовка за саботата и Пасхата.
Прочитај Јован 19
Сподели
Спореди ги сите верзии: Јован 19:28-42
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа