Евреите 6
6
1Затоа, да ги надминеме веќе еднаш основите на христијанското учење и да се стремиме кон духовно созревање. Нема потреба повторно да ги поставуваме темелите за обраќање од мртвите дела, за верата во Бог,
2за крштавањето, за полагањето раце, за воскресението на мртвите и за Вечниот суд.
3Ајде да напредуваме, со Божја помош!
4Зашто, за луѓето кои еднаш веќе биле просветлени и вкусиле од небесниот дар, се придружиле кон делото на Светиот Дух,
5ја вкусиле добрината на Божјата порака и силата на идниот свет,
6а потоа Му го свртеле грбот на Бог, нема можност одново да се покајуваат. Таквите луѓе одново Го распнуваат Божјиот Син и јавно Го срамотат!
7Ако почвата, откако ќе го впие дождот што често врне врз неа, му роди добра жетва на оној што ја обработува, таа ќе биде благословена од Бог.
8Но ако раѓа само трње и боцки, таа е бескорисна и Бог наскоро ќе ја проколне и ќе ја запали!
9Но, иако зборуваме вака, драги мои, ние сепак веруваме дека ова не се однесува на вас. Уверени сме дека вас ве очекува нешто многу подобро, нешто што доаѓа со спасението.
10Бог не е несправедлив и нема да заборави колку напорно работевте за Него, колку љубов покажавте спрема Него, помагајќи им на другите христијани и порано, а и сега.
11Нашата искрена желба е секој од вас да истрае докрај во својата ревност. Така ќе можете да бидете сигурни дека вашата надеж навистина и ќе се исполни.
12Само така нема да станете духовно мрзливи, туку ќе го следите примерот на оние што имаат вера и трпение преку кои го наследуваат она што Бог им го вети.
13Така, на пример, кога Бог му го даде Своето ветување на Авраам, Тој се заколна дека ќе го исполни тоа што го ветува, и бидејќи нема ништо поголемо од Бога, Тој се заколна во Самиот Себе,
14и му рече: „Јас, Господ, ти ветувам дека изобилно ќе те благословам и ќе ти дадам многубројни потомци!“
15Авраам беше стрплив и го доби она што Бог му го вети.
16Кога луѓето имаат меѓусебни расправии, тие се заколнуваат во нешто поголемо од себе.
17Така и Бог, сакајќи да не увери дека целосно ќе се исполнат Неговите ветувања спрема оние на кои тие им се наменети, кон Своето ветување додаде и заклетва.
18Бог не може да лаже! Овие две работи - Неговото ветување и заклетвата - се непроменливи и затоа, за нас што сме нашле прибежиште кај Него, тоа претставува големо охрабрување, бидејќи ние со доверба очекуваме да го добиеме тоа на што се надеваме.
19Таа надеж е цврста котва за нашите души и не води преку завесата во Божјото најсвето место,
20таму, каде што веќе влезе Исус заради нас и стана наш вечен Првосвештеник од редот на Мелхиседек.
Селектирано:
Евреите 6: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.