Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 4

4
1Но, се додека наследникот е малолетен не се разликува многу од роб, иако тој е сопственик на се.
2Старатели го чуваат и застапници ги водат работите во негово име, се додека не дојде времето што го определил неговиот татко.
3Така е и со нас. Додека бевме духовно малолетни, им бевме потчинети на световните сили.
4Кога дојде определеното време, Бог Го прати Својот Син. Тој се роди од жена и живееше под Законот.
5Бог го испрати Христос за да не ослободи од Законот и, преку посвојување, да не направи Божји деца.
6За да ви докаже дека и вие, неевреите, станавте Негови деца, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син. Духот ви дава слобода да Му се обраќате на Бог со: „Аба“, односно со „Татко“.
7Така, сега не сте веќе робови, туку Божји деца, а штом сте Божји деца, вие ќе наследите се што е Божјо.
8Порано, не познавајќи Го Бог, вие им робувавте на „богови“ кои по својата природа не се богови.
9Сега Го познавате Бог, или поточно, Бог, познавајќи ве вас, ве одбра да Го запознаете. Како тогаш можете пак да им се враќате на тие слаби и бедни световни сили!? Зошто сакате повторно да станете нивни робови?
10Почнавте да славите одредени денови, месеци, годишни времиња и години.
11Страхувам за вас! Се плашам дека попусто се трудев околу вас.
12Драги пријатели христијани, ве молам, бидете како мене - ослободени од тие работи, како што и јас станав како вас, неевреите - ослободен од Мојсеевиот Закон. Кога бев кај вас вие со ништо не ме повредивте.
13Се сеќавате дека бев болен кога првпат ви ја проповедав Радосната вест.
14Иако мојата телесна слабост можеше да биде големо соблазнување за вас, вие не ме презревте, ниту пак одбивте да ме слушате, туку ме примивте како да сум Божји ангел, како да сум Самиот Исус Христос.
15Каде е сега вашето воодушевување? Тогаш да можевте и сопствените очи ќе си ги ископавте и ќе ми ги дадевте!
16Зарем ви станав непријател затоа што ви ја кажувам вистината?
17Тие лажни учители ве опсипуваат со внимание, но нивните побуди не се добронамерни! Сакаат да ве одвојат од мене и да ве придобијат за себе.
18Треба постојано да бидете ревносни за доброто, а не само додека сум јас кај вас.
19Деца мои, повторно минувам низ породилни болки заради вас, и тоа ќе трае се додека да се создаде Христова природа во вас.
20Колку би сакал токму сега да сум со вас и да ви се обратам со поинаков тон, зашто вашата состојба навистина ме збунува!
21Слушнете ме сега вие што сакате да се придржувате кон Мојсеевиот Закон: Знаете ли што, всушност, кажува тој Закон?
22Во Светото Писмо пишува дека Авраам имаше два сина: еден од робинка и еден од слободна жена.
23Синот од робинката беше роден во обид човекот да ги оствари Божјите ветувања, а синот од слободната жена се роди така што Бог го исполни Своето ветување.
24Се работи за алегорија. Овие две жени преку кои се родија Исмаил и Исак претставуваат два завета. Првиот, претставен преку Агара, е Законот даден на планината Синај, кој ги поробува луѓето.
25Агара ја претставува планината Синај во Арабија и ја прикажува сегашната состојба на Ерусалим, односно на сиот народ, кој духовно робува.
26Сара го претставува небесниот Ерусалим. Таа не беше робинка, туку слободна. Таа е нашата мајка.
27Светото Писмо за неа вели: „Радувај се жено неротко, ти што деца не си раѓала, излези и викај од радост ти што не си видела породилни маки, зашто повеќе деца ќе има неротката, од жената што има маж.“
28Вие, драги христијани, исто како и Исак, сте деца родени по ветување.
29Во тоа време детето родено од робинката го прогонуваше детето што беше родено по ветување. Така е и сега: телесните луѓе не прогонуваат нас, родените од Светиот Дух.
30Но, еве што вели Светото Писмо: „Избркај ги робинката и нејзиниот син! Синот на робинката нема да биде сонаследник со синот на слободната. Синот на слободната жена ќе добие се.“
31Значи, драги христијани, ние не сме деца на робинката, туку на слободната жена.

Селектирано:

Галатјаните 4: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност