Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 15:22-41

Дела Ап. 15:22-41 MNT

Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила. Ним им го предадоа следново писмо: “Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим, до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија. Поздрави до вас! Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле. Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле, луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос. Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме. Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни: да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства. Бидете поздравени!“ Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото. Луѓето го прочитаа и многу и се израдуваа на неговата содржина. А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата. Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија. (Но Сила реши да остане таму.) Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ. По извесно време Павле му рече на Барнаба: „Ајде да се вратиме и повторно да ги посетиме христијаните по сите градови каде што ја проповедавме пораката од Господ, за да видиме како се.“ Барнаба се согласи, но предложи да го поведат со себе и Јован, со прекар Марко. Меѓутоа, Павле сметаше дека не треба да водат со себе човек што веќе еднаш ги остави во Памфилија и се повлече од работата. Несогласувањето беше толку остро што тие се разделија. Барнаба го зеде со себе Марко и тие отпловија за Кипар. Павле, пак, го зеде со себе Сила, и заедно тргнаа на пат, откако верните се помолија Господ да им биде благонаклонет. Така тие пропатуваа низ Сирија и Киликија, и по сите цркви ги охрабруваа христијаните.