Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 13

13
1Меѓу пророците и учителите во антиохиската црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘, Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот Ирод, и Савле.
2Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“
3Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.
4Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар.
5Таму, во градот Саламис, одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.
6Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк.
7Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака.
8Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин.
9Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи
10и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!?
11Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“ Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води.
12Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.
13Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим.
14Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија.
15Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете!
17Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму.
18Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината.
19Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците.
20Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил.
21Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години.
22Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него!‘
23Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус.
24Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат.
25Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам!‘
26Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас!
27Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците.
28Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен.
29Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница.
30Но Бог Го воскресна од мртвите!
31Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ.
32Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци
33го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус: ,Ти си Мојот Син, денес станав Твој Татко.‘
34Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови: ,Тебе ќе ти го дадам светиот благослов што му го ветив на Давид.‘
35Во еден друг псалм, појаснува: ,Ти нема да дозволиш Твојот Светец да скапува во гробот.‘
36Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна.
37Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна.
38Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон.
39На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон.
40Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците:
41,Гледајте, вие подбивачи! Стаписајте се и изгинете, зашто она што го правам во вашите дни, немаше да го верувате ако некој ви го раскажуваше!‘“
42На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова.
43Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив.
44Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова.
45Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на се што ќе речеше.
46Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото Слово да ви се проповеда прво вам, на Евреите. Но вие го одбивате и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи.
47Самиот Господ вака ни нареди: ,Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи, да го однесете спасението до краевите на Земјата!‘“
48Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа.
49Така пораката Господова се ширеше низ целата област.
50Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област.
51Павле и Барнаба ја истресоа правта од стапалата и отидоа во градот Иконија,
52а христијаните беа полни со радост и со Светиот Дух.

Селектирано:

Дела Ап. 13: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност