Дела Ап. 11
11
1Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака.
2Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани почнаа да му приговараат,
3велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрезани луѓе и си јадел со нив!“
4Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече:
5„Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене.
6Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, влечуги и птици.
7Потоа слушнав глас: ,Петар! Стани, коли и јади!‘
8Јас одговорив: ,Никако, Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони никогаш не влегло во мојата уста!‘
9Гласот од небото по вторпат ми проговори: ,Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!‘
10Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото.
11Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареја. Тие беа испратени по мене.
12Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене тргнаа уште шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика.
13Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: ,Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар.
14Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘
15Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот.
16Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: ,Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘
17Штом Бог им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“
18Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“
19Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите.
20Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, им проповедаа и на Грците дека Исус е Господ.
21Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ.
22Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија.
23Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност, се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ.
24Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ.
25Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Савле,
26па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците на Христос првпат ги нарекоа христијани.
27Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци.
28Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото Римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудиј.
29Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја.
30Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Савле.
Селектирано:
Дела Ап. 11: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.