ЗАХАРИЈА 11
11
3. Отфрлање на Цар-Месија
а. Понижување на Израелева гордост
1Отвори ја вратата, Ливанону, огнот нека ти ги изгори кедровите! 2Лелекај, чемпресу, зашто падна кедарот, зашто се упропастени силниците! Ридајте, васански дабови, зашто е исечена најгустата гора. 3Чуј го ридањето на пастирите, запустен е нивниот сјај! Чуј го рикањето на лавчињата, запустена е јорданската гордост!
б. Отфрлање на Добриот Пастир од Неговиот народ
4Господ мојот Бог ми рече вака: 5„Паси ги овците за колење! Нивните купувачи ги колат неказнето, а кои ги продаваат велат: ‘Благословен да биде Господ, се збогатив!’ и нивните пастири не ги штедат. 6Ни Јас веќе не ќе ги штедам жителите на земјата - говори Господ - туку: еве, го предавам секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја разурнат земјата, а Јас нема да ги избавам од нивните раце.“ 7Почнав да ги пасам овците за колење на трговците со овци та зедов два стапа: едниот го нареков благост, другиот врска. Така го пасев стадото. 8И во еден месец истребив три пастири. Но и овците ми здодеаја, Ме замразија. 9Тогаш реков: „Не ќе ве пасам веќе! Која треба да пцовиса, нека пцовиса! Која треба да ја снема, нека ја снема! А кои ќе останат, една на друга нека си го изедат месото!“ 10Тогаш го зедов мојот жезол благост и го скршив за да го раскинам Заветот што го имав склучено со сите народи. 11И тој беше раскинат во оној ден, и трговците со овци кои гледаа, научија дека тоа беше Господово слово. 12Тогаш им реков: „Ако ви е добро тоа, дајте ми плата; ако не е, не давајте.“ Тие ми ја одмерија платата триесет сребреници. 13А Господ ми рече: „Фрли ја во ризницата таа убава цена со која ме оценија!“ Јас ги зедов триесетте сребреници и ги фрлив во ризницата на Господовиот Дом. 14Тогаш го скршив и својот втор жезол, врските - за да го раскинам братството меѓу Јуда и Израел.
в. Опис на лажен пастир
15И Господ ми рече: „Земи ја уште опремата на безумниот пастир, 16зашто, еве, ќе подигнам еден безумен пастир во оваа земја: тој нема да се грижи за изгубените, не ќе ги бара заскитаните, не ќе ги лечи ранетите, не ќе ги носи изнемоштените, туку ќе јаде месо од дебелите и ќе им ги кине копитата. 17Тешко му на неспособниот пастир, кој го остава стадото! Мечот нека му ги стигне раката и десното око! Десницата нека му се исуши сосем, десното око нека се затемни сосем!“
Селектирано:
ЗАХАРИЈА 11: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.