ОТКРОВЕНИЕ 20
20
Прво воскресение и илјадагодишно царство
1И видов ангел, како слегува од небото, кој имаше во својата рака: клуч од Бездната и голема верига. 2Тој го фати змевот, старата змија која е ѓаволот и сатаната, и го врза за илјада години, 3и го фрли во Бездната и го заклучи, ја запечати над него, за да не ги заведува народите, додека не се навршат илјада години; потоа треба да биде одврзан за малку време. 4И видов престоли; и на оние, кои седеа на нив, им беше дадено да судат; и душите, чии глави беа исечени заради сведоштвото за Исуса и за Божјото слово, кои не му се поклонија на Ѕверот ни на неговиот лик, и кои не ја примија ознаката на своето чело и на својата рака; тие оживеаја и царуваа со Христа илјада години. 5А другите мртовци не оживеаја, додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение. 6Блажен и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над овие втората смрт нема власт, туку ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Него илјада години.
Последна битка, второ воскресение
7А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор, 8и ќе излезе да ги заведува народите по четирите краишта на земјата, Гога и Магога, и да ги собере за војна, чиј број е како морскиот песок. 9И излегоа на земната ширина, и го опкружија логорот на светите и возљубениот град; и слезе оган од небото, од Бога, и ги проголта. 10А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во огненото и сулфурното езеро, каде се и Ѕверот и лажниот пророк; и ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков.
11И видов голем бел престол, и Оној, Кој седеше на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив. 12И ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија книжните свитоци; и друг книжен свиток се отвори - Книгата на Животот; и на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според своите дела. 13И морето ги предаде своите мртви, кои се во него; и смртта и Подземјето ги предадоа мртвите, кои се во нив, и секој беше суден според своите дела. 14И смртта и Подземјето беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро. 15И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро.
Селектирано:
ОТКРОВЕНИЕ 20: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.