Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 78

78
Божја верност и непослушност на народ
1. Повик за слушање и внимавање
Асафово учење.
1Послушај го, народе Мој, Мојот закон, приклони ги своите уши кон зборовите на Мојата уста! 2Ќе ја отворам својата уста за поука, ќе ги изнесам тајните од древните времиња. 3Она што чувме и научивме, што ни раскажуваа татковците, 4не ќе го криеме од нивните деца, ќе го предадеме на идното поколение: Господовата слава и Неговата сила, и чудесните дела што ги направи.
5Тој постави сведоштво за Јакова, положи Закон во Израел: Тоа што им го заповеда на нашите татковци, тие да му го соопштат на своите деца, 6за да знае идното поколение, и синовите што ќе се родат, да им раскажуваат на своите деца, 7својата надеж да ја положат на Бога и да не ги забораваат Божјите дела, туку да ги исполнуваат Неговите заповеди, 8и да не бидат - како нивните татковци - упорно и непокорно поколение. Поколение непостојано со срцето и со духот неверно на Бога.
2. Израелеви гревови
а. Непослушност на Ефремови синови
9Ефремовите синови, воини со лакови, ги свртија плеќите во денот на битката. 10Не го додржаа Заветот со Бога и не сакаа да одат според Неговиот Закон. 11Ги заборавија Неговите дела, чудата што им ги покажа. 12Пред нивните очи правеше знаци во Египет, во Полето Зоан. 13Тој го раздвои морето и ги преведе, ги издигна водите како насип. 14Дење ги водеше со облакот, а цела ноќ со блескав оган. 15Расцепи карпа во пустината и ги напои изобилно како од бездните. 16Извади потоци од стената, и направи да протечат води како големи реки.
б. Ропот во пустината
17А тие продолжуваа да грешат, го огорчуваа Сѐвишниот во пустината. 18Го искушуваа Бога во своите срца, барајќи јадења за својата лакомост. 19Зборуваа против Бога и прашаа: „Може ли Бог да стави трпеза во пустината? 20Ете, Тој ја удри карпата, и водата потече и потоците се прелеваа: а може ли да даде леб и да му достави месо на Својот народ?“
21Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев: оган се распали против Јакова, гневот се разјари против Израела, 22Зашто не Му веруваше на Бога, ниту се надеваа на Неговата помош. 23Па му нареди, одозгора, на облакот, и ги отвори небесните брани, 24како дожд излеа врз нив да јадат мана, и ги нахрани со небесниот леб. 25Човекот јадеше ангелски леб; Тој им даде храна до ситка. 26Го разбуди на небото источниот ветер, и со сета сила го доведе југот. 27Истури врз нив месо како прав, и крилести птици како морски песок. 28Паднаа среде нивниот логор и околу нивните живеалишта. 29Јадеа и се наситија, тој ја исполни нивната желба. 30Уште не се беа откажале од својата лакомост и јадењето уште им беше во устите, 31кога Божјиот гнев се распали на нив: ги покоси со смрт нивните прваци, и ги погуби Израелевите момчиња.
в. Израелева тврдоглавост
32Покрај сѐ тоа, грешеа натаму и не веруваа во Неговите чудесни дела. 33И им ги приврши дните со еден здив, и нивните години со ненадежен свршеток.
34Кога ги убиваше, Го бараа, и пак прашуваа за Бога; 35си спомнуваа дека Бог е нивна карпа и Сѐвишниот нивен Откупител. 36Но пак Го измамуваа со својата уста и Го лажеа со својот јазик. 37Нивното срце не беше наполно со Него, ниту беа верни на Неговиот Завет. 38А Тој милостиво им го проштаваше гревот и не ги погубуваше; често го воздржуваше Својот гнев, за да не пламне со сета жестина. 39Си спомнуваше дека се тело, и здив што заминува и не се враќа веќе.
г. Заборавање на Божја милост во минато
40Колку Го огорчуваа во пустината, и Го жалостеа во безводен крај! 41Сѐ наново Го искушуваа Бога и Го ограничија Израелевиот Светец, 42не спомнувајќи си за Неговата рака, ни за денот кога ги избави од непријателите, 43ни за Неговите знаци во Египет, ни за чудесните дела во Зоанското Поле. 44Им ги претвори реките во крв, и нивните потоци, за да не пијат. 45Испрати стршели на нив, за да ги погубуваат. 46И ја предаде нивната жетва на скакулците и плодот на нивната мака на гасениците. 47Ги удри со град нивните лозја, а со мраз нивните смокварници. 48И го предаде на град нивниот добиток, и на секавиците нивните стада. 49Ја излеа врз нив сета жестокост на Својот гнев, на јароста, бесот и неволјата: ги испрати на нив ангелите на несреќата. 50И отвори пат за Својот гнев: не им го поштеди животот од смртта, го предаде на помор нивниот живот. 51Порази во Египет сѐ првородено, првенците во Хамовите шатори. 52И го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо низ пустината. 53Ги водеше безопасно и не се плашеа, а морето ги покри нивните непријатели.
54Тој ги одведе во Својата Света Земја, на бреговите што ги освои Неговата десница. 55Пред нив ги истера многубошците, со јаже им го подели наследството, ги насели израелските племиња под нивните шатори.
д. Израелево идолопоклонство во Ханаан
56А тие го искушуваа и Го гневеа Сѐвишниот Бог и не ги исполнуваа Неговите заповеди. 57Отпаднаа, изневерија, како нивните татковци, затаија како неверен лак. 58Го принудија со своите високи места, Го поттикнуваа на завист со своите идоли. 59Бог виде и пламна со гнев, го отфрли целосно Израел. 60И го напушти Своето престојувалиште во Силом, шаторот во кој живееше меѓу луѓето. 61И ја предаде во ропство Својата Сила, и Својата Слава во непријателски раце. 62Го предаде на меч Својот народ, се разгневи на Своето наследство. 63Огнот ги проголта нивните момчиња, нивните девици не се омажија. 64Нивните свештеници паднаа од меч, не заплакаа нивните вдовици.
65Тогаш, Господ се тргна како од сон, како Воин совладан од вино. 66Ги удри Своите непријатели, ги одби назад, им зададе вечен срам.
3. Избор на Јуда и Давид
67Тој го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра Ефремовото племе, 68туку го избра Јудиното племе и гората Сион, што му замиле. 69Изгради Светилиште високо како небото, го утврди довека како земјата. 70Го избра Својот слуга Давид, го зеде од кошарите на овците; 71го одведе од овците доилки, за да го пасе Јакова, Неговиот народ, и Израел, Неговото наследство. 72И ги пасеше со честито срце и ги водеше со грижливи раце.

Селектирано:

ПСАЛМИ 78: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се