Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 55:1-23

ПСАЛМИ 55:1-23 MKB

Послушај ми ја Боже, молитвата, не криј се од мојата молитва: Внимавај на мене и услиши ме! Се измачувам во својата тешкотија, ме збуни викотницата на непријателите и грешничкото угнетување. Се нафрлија врз мене со беззаконие, бесно ме гонат. Срцето ми трепери и смртен страв ме опфати. Страв и трепет дојдоа на мене и ужас ме обзеде. Извикав: „О да имав крилја гулабови, ќе одлетав и ќе се одморев! Ете, би летал далеку, далеку, ќе се настанев во пустината; бргу ќе побарав засолниште од бесна бура и од виорот.“ Збуни ги, Господи, изметкај им ги јазиците, зашто гледам насилство и препирка во градот: Дење и ноќе кружат по ѕидиштата, беззаконија и неволји има во него. Среде него: заседа, неправдата и подлоста не заминуваат од неговите улици. Ако ме укореше непријателот, тоа би го претрпел; да се кренеше против мене оној, што ме мрази, би се скрил пред него. Но, тоа беше ти, ти еднаков со мене, мој пријател, мој довереник, со кого другарував слатко и одевме сложно во Божјиот дом. Смртта нека ги најде одненадеж, нека слезат живи во Подземјето, зашто пакоста им е во живеалиштето и во срцето. А јас ќе Го повикам Бога и Господ ќе ме спаси. Навечер, наутро и на пладне ќе плачам тажно, и Тој ќе го чуе мојот глас. Ќе ми даде мир од оние што ме гонат: зашто се мнозина против мене. Бог ќе чуе и ќе ги понизи, Оној, Кој царува од векови, зашто не се поправаат, не се бојат од Бога. Креваат раце на пријателите, го нарушуваат својот завет. Устата им е помека од маст, а срцето за војна спремно; зборовите понежни од масло, а тие се извлечени мечеви. Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот. А нив, Боже, фрли ги во гробната јама! Крвопијците и измамниците не ќе доживеат половина од дните! А јас се надевам на Тебе!