Ќе Го благословувам Господа во секое време, Неговата пофала секогаш ќе ми биде во устата! Мојата душа ќе се фали со Господа: нека го чујат тоа скромните и нека се радуваат! Величајте Го Господа со мене, заедно да Го возвишиме Неговото име!
Го барав Господа и Тој ме послуша, ме избави од сите мои стравови. Погледнаа во Него и им светна пред очите, и не ќе се засрамат лицата нивни! Бедниот вика, и Господ го чу, го избави од сите негови неволји.
Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува.
Вкусете и видете колку е добар Господ: блажен е човекот, кој се надева на Него! Бојте се од Господа, вие Негови свети, зашто нема скудност за оние што се бојат од Него. Младите лавови трпат беда и гладуваат, а кои Го бараат Господа не трпат оскудица.
Дојдете, чеда, и послушајте ме, ќе ве научам на страв од Господа. О, човеку! љубиш ли го животот? Сакаш ли многу денови, за да видиш добро? Воздржувај го својот јазик од зло и своите усни од лажно зборување! Отстранувај се од злото и прави добро, барај мир и врви по него!
Господовите очи ги гледаат праведните, Неговите уши го слушаат нивниот вик. Господовото лице се свртува против злосторниците, за да им го сотре споменот на земјата. Праведниците викаат, а Господ ги слуша, ги избавува од сите нивни беди. Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух.
Праведникот има многу неволји, но Господ го избавува од сите. Тој ги чува сите негови коски, ниту една од нив нема да му се скрши. Злото ќе го убие безбожникот, ќе платат тие што го мразат праведникот. Господ ја избавува душата на Своите слуги и ниеден, од оние што се надеваат на Него, нема да биде осуден.