Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 119:143-176

ПСАЛМИ 119:143-176 MKB

Ме снајдоа тешкотии и неволји; но Твоите заповеди се моја наслада. Вечна е правдата на Твоето сведоштво, вразуми ме, и ќе живеам. Викам, од сето срце, Господи, послушај ме: ќе ги пазам Твоите повелби. Кон Тебе викам, спаси ме, ќе се држам за Твоите сведоштва. Ја престигнав зората и се молам за помош, се надевам на Твоите зборови. Моите очи ги престигнуваат ноќните стражи, за да размислувам за Твојата беседа. Господи, послушај го мојот глас, според Твојата добрина, и оживи ме според Твојата одлука. Наближуваат оние кои ме гонат неправедно, тие се далеку од Твојот Закон. А и Ти си близу, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. Одамна знам за Твоите сведоштва дека ги создаде засекогаш. Погледај на мојата неволја, избави ме, зашто не го заборавам Твојот Закон. Брани ја мојата парница и откупи ме, поживи ме според Твоето ветување. Спасението е далеку од грешниците, зашто не се грижат за Твоите повелби. Голема е, Господи, Твојата милост: поживи ме според Твоите одлуки. Мнозина ме гонат и угнетуваат, јас не отстапувам од Твоите прописи. Ете, видов отпадници и ми се згадија, зашто не ги чуваа Твоите зборови. Ете, ги љубам Твоите зборови, о Господи, поживи ме според Твојата милост. Целината на Твојот збор е вистина, секој од Твоите праведни судови е вечен. Кнезовите ме прогонуваат без причина, но моето срце трепери само пред Твоите зборови. Им се радувам на Твоите беседи, како оној што наоѓа многу користи. Ја мразам лагата и се гнасам од неа, а го љубам Твојот Закон. Те прославувам Тебе седумпати дневно, заради Твоите праведни судови. Оние кои го љубат Твојот Закон, уживаат голем мир, не се сопнуваат на ништо. Ја чекам Твојата помош, о Господи, ги извршувам Твоите заповеди. Мојата душа ги чува Твоите сведоштва и ги љуби многу. Ги чувам Твоите наредби и Твоето сведоштво, зашто сите мои патишта се пред Тебе. Господи, моето викање нека стигне до Тебе, вразуми ме според Твојот збор. Нека дојде мојата молитва пред Твоето лице, избави ме според Твојот збор. Моите усни нека запеат пофална песна, зашто ме научи на Твоите повелби. Мојот јазик нека пее за Твоето слово, зашто сите Твои заповеди се праведни. Твојата рака нека ми биде на помош, зашто ги избрав Твоите наредби! Господи, копнеам за Твоето спасение, се насладувам во Твојот Закон. Нека живее мојата душа и нека Те фали, а Твоите судови нека ми бидат на помош! Јас заскитав како изгубена овца; о побарај го Твојот слуга, зашто јас не ги заборавив Твоите заповеди.