ПОСЛОВИЦИ 31
31
ЛЕМУИЛОВИ ИЗРЕКИ
31:1-9
1Зборови на Лемуил, цар на Маса, со кои го научила неговата мајка. 2Зошто, сине мој? Зошто сине на мојата утроба? Зошто, сине на моите завети? 3Не ја давај својата сила на жените, ни своите патишта на погубителките на цареви. 4Не е за цареви, Лемуиле, не им прилега на царевите да пијат вино, ни на главатарите опоен пијалак, 5за да не ги заборават законите во пијачката и да им ја изменат правдата на страдалниците. 6Дајте му жесток пијалак на оној што ќе пропадне, и вино на човек што е огорчен во душата. 7Тој ќе пие и ќе ја заборави својата беда и не ќе си спомнува веќе за својата неволја. 8Отворај ја својата уста за немиот, и за правото на сите несреќници што пропаѓаат. 9Отворај ја својата уста, суди праведно, дај им ја правдата на бедниот и неволникот.
ДОБРОДЕТЕЛНА ЖЕНА
31:10-31
10Кој ќе најде добродетелна жена? Таа вреди повеќе од бисери. 11Мажовото срце се надева во неа, и не ќе му недостига печалба. 12Таа му прави добро, а не зло, во сите дни на својот век. 13Набавува волна и лен, и вешто работи со своите раце. 14Таа е како трговски брод: оддалеку го донесува својот леб. 15Таа станува уште во ноќта, ги храни своите домашни и им одредува работа на своите прислужнички. 16Ако забележи нива ја купува; со плодот на своите раце сади лозје. 17Со сила ги опашува своите бедра, и ги зајакнува своите мишки. 18Гледа како ѝ напредува работата: ноќе не ѝ гасне светилката. 19Со рацете посегнува по предилката, и со прстите го држи вретеното. 20Ја отвора својата дланка на бедниот, ги испружува рацете кон оној кој има потреба. 21Не се бои од снегот за своите домашни, зашто за сите деца има по две облеки. 22Сама си шие покривачи, се облекува во лен и во црвено сукно. 23Мажот ѝ е славен на Вратите, каде што седи со земните старешини. 24Ткае платно и го продава, и дава појаси на трговецот. 25Облечена е со сила и достоинство и весело гледа на иднината. 26Мудро ја отвора својата уста, и побожна наука ѝ е на јазикот. 27Внимава на поведението на своите домашни, и не го јаде лебот на мрзливоста. 28Нејзините синови се подигаат и ја наречуваат среќна, и нејзиниот маж ја фали: 29„Многу жени беа добродетелни, но ти ги надминуваш сите.“ 30Миловидноста е лажлива, убавината е суетна: Жена со страв од Господа, заслужува пофалба. 31Дајте ѝ од плодот на нејзините раце, и нека нејзините дела ја прославуваат на Вратите.
Селектирано:
ПОСЛОВИЦИ 31: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.