Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 26

26
В. Глупец и негова глупост
1Како снег лете или дожд во жетва, така не му прилега честа на безумниот. 2Како врапчето кога ќе избега и ластовичката кога ќе одлета, така и проклетството, без причина, не се исполнува. 3Камшик за коњот, узда за ослето, а прачка за плеќите на безумникот. 4Не одговорувај му на безумниот, според неговата глупост, за да не станеш и самиот еднаков со него; 5одговори му на безумниот според неговата глупост, за да не се направи сам себеси мудар. 6Си ги пресечува нозете и пие горчило, кој испраќа порака по безумен. 7Како што се трепетливите нозе на хромиот, таква е мудрата изрека во устата на безумниот. 8Како оној што врзува скапоцен камен за прачка, таков е оној кој му искажува чест на безумникот. 9Како што е трнливата гранка во рацете на пијаницата, таква е мудрата поука во устата на безумниот. 10Стрелец кој ги ранува сите минувачи: таков е оној кој го главува безумниот. 11Безумникот се враќа на својата глупост, како што кучето се враќа на својата блувотина. 12Виде ли човек кој сам себе се прави мудар, знај, и од безумниот има повеќе надеж, отколку од него!
Г. Мрзливец и лажлив јазик
13Ленивиот вели: „Ѕвер има на патот и лав има по улиците“. 14Како што вратата се врти на своите стожери, така и мрзливиот на својата постела. 15Мрзливиот ја натопува раката во чинијата, ама не може да ја принесе до устата. 16Мрзливиот самиот се прави помудар од седуммина, кои одговараат умно. 17Пес фаќа за уши кој при поминувањето, се замешува во препирка, што не го засега него. 18Како безумниот кој фрла гламни, стрели и сее смрт, 19таков е човекот кој го измамува својот ближен и вели: „Само се шегував“. 20Кога ќе ги снема дрвата, огнот гасне, и каде веќе нема клеветник, препирките стивнуваат. 21Јагленот е за жар и дрвата за оган, а препирачот, за да распалува препирка. 22Клеветниковите зборови се како слатки залаци, се спуштаат до дното на утробата. 23Ласкави усни со нечесно срце, се како сребрена глеѓ на глинен сад. 24Мразачот дволичи со своите усни, а во себе носи измама; 25не му верувај кога зборува со љубезен глас, зашто има седум мерзости во срцето; 26иако со дволичност ја прикрива омразата, неговата нечесност ќе биде откриена на собранието. 27Кој копа јама, сам паѓа во неа, и кој тркала камен, врз него ќе се навали. 28Лажливиот јазик ги мрази своите жртви, ласкавата уста приготвува пропаст.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 26: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се