ПОСЛОВИЦИ 15
15
К. Јазик на мудар
1Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот. 2Јазикот на мудрите луѓе го прославува знаењето, а устата на безумните истурува глупост. 3Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите. 4Благиот јазик е дрво на животот, а пакосниот е рана за духот. 5Безумниот ја презира поуката на својот татко, а кој прима укор, е благоразумен. 6Во праведниковиот дом има големо изобилство, а нечесниот ја печали својата пропаст. 7Усните на мудрите сеат знаење, а срцето на безумникот е непостојано. 8Жртвата на нечесниот Му е омразена на Господа, а мила Му е молитвата на праведните. 9Патот на нечесните Му е омразен на Господа, а возљубен Му е оној, кој оди по правдата. 10Тешка казна го чека оној кој го остава правиот пат, а ќе умре кој го мрази изобличувањето. 11И Пеколот и Гибелта стојат пред Господа, а колку повеќе срцата на човечките синови. 12Потсмевачот не го љуби оној што го кори: тој не се дружи со мудрите.
Л. Награда на весело срце
13Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот. 14Разумното срце бара знаење, а безумничката уста се занимава со глупост. 15За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано. 16Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него. 17Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата. 18Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата. 19Патот на мрзливиот е како глогово трниште, а патеката на праведникот е разгазена. 20Мудриот син го весели таткото, а безумниот ја презира својата мајка.
Љ. Поука во мудрост
21Лудоста е веселба за неразумниот, а разумниот човек оди право. 22Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници. 23Човекот се радува на одговорот на својата уста, и зборот во право време колку е добар! 24За разумниот човек патот на животот оди нагоре, за да се отстрани од пеколот, што е долу. 25Господ го разурнува домот на гордите, а ја поставува меѓата на вдовицата. 26Омразени му се на Господа лошите мисли, а чистите зборови му се мили. 27Користољубивиот го разурнува својот дом, а кој го мрази поткупот, ќе живее. 28Праведниковото срце смислува одговор, а устата на нечесниот зборува злоба. 29Далеку е Господ од нечесните, а ја слуша молитвата на праведните. 30Бистриот поглед го развеселува срцето, и радосната вест ги гои коските. 31Увото што го послушува спасоносното изобличување живее меѓу мудреците. 32Кој отфрла поука ја презира сопствената душа, а кој прима поправка, се здобива со разум. 33Стравот од Господа е училиште на мудроста, зашто смиреноста оди пред славата.
Селектирано:
ПОСЛОВИЦИ 15: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.