Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 4

4
1Господ им рече на Мојсеја и на Арона: 2„Одвоете ги од среде Левиевите синови главатарите на Каатовите синови по нивните родови и семејства: 3од триесет години нагоре, сѐ до педесет години - сите кои можат да влезат во чета за вршење служба во Шаторот на средбата. 4А службата на Каатовите синови во Шаторот на средбата е: грижа за Светината над светините. 5Кога логорот тргнува на пат, Арон и неговите синови нека влезат и нека ја извадат заштитната завеса и нека го покријат Ковчегот на сведоштвото со неа. 6Тогаш нека стават на него покривало од јазовечка кожа, а преку него нека распрострат сосем сино платно. Потоа нека ги наместат носилата на Ковчегот. 7Преку масата за лебните приноси нека распрострат сино платно. Тогаш нека положат врз него чинии, лажици, чаши и врчви за налевници. Лебот на постојаниот принос нека биде исто на него. 8Тоа нека го покријат со темноцрвено платно, а преку него нека префрлат покривало од јазовечка кожа. Потоа нека ѝ ги наместат носилата на масата. 9Потоа нека земат сино платно и нека го покријат светилникот за осветление и неговите светилки, неговите штипки, неговите пепелници и сите садови за масло, со кои се служат околу него. 10Нека го стават со сиот негов прибор на покривало од јазовечка кожа и нека го положат на носилка. 11Нека распрострат сино платно преку златниот жртвеник и нека го покријат со покривало од јазовечка кожа. Потоа нека му ги наместат носилата. 12Тогаш нека го земат сиот прибор што се употребува за служба во Светилиштето па нека го стават врз синото платно и тогаш нека го покријат со покривка од јазовечка кожа. Потоа сѐ тоа нека го положат на носилка. 13Нека ја сметат пепелта од жртвеникот и нека распрострат на него црвено платно. 14Нека го положат врз него сиот прибор што се употребува во службата: кадилниците, вилушките, лопатчињата и чиниите - сите садови за жртвеникот. Тогаш нека распрострат преку него покривка од јазовечка кожа. Потоа нека ги наместат носилата. 15Откако Арон и неговите синови ќе го завршат покривањето на Светилиштето и на сите свети садови, во часот кога логорот ќе тргне на пат, нека дојдат Каатовите потомци и нека го земат тоа со себе. Но не смеат да се допираат до светите предмети, за да не загинат. Каатовите синови ќе ги носат овие делови на Шаторот на средбата.“
16„А Елеазар, синот на свештеникот Арон, нека се грижи за маслото за светилниците, за мирисливиот темјан, за постојаниот лебен принос и за маслото за помазание; нека се грижи за сиот Шатор, за сѐ што е во него - за Светилиштето и за неговиот намештај.“
17Господ им рече на Мојсеја и на Арона: 18„Не дозволувајте да го снема племето на Каатовите родови меѓу левитите. 19Постапувајте вака со нив, за да не умрат, кога пристапуваат кон Светината над светините нека дојдат Арон и неговите синови за да го постават секого од нив на неговата служба и на неговата должност. 20Тие никогаш нека не влегуваат ниту да ја погледнат Светината, кога ја покриваат, за да не загинат.“
21Господ му рече на Мојсеја: 22„Изврши попис и на Гирсоновите синови по нивните семејства и по нивните родови, од триесет години нагоре, сѐ до педесет години; 23изброј ги сите кои можат да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата. 24А ова е службата на Гирсоновите родови при работата и принесувањето: 25нека ги носат: завесите на Престојувалиштето; Шаторот на средбата со неговиот покрив, покривалото од јазовечка кожа што е врз него, и завесата на влезот во Шаторот на средбата; 26потоа, дворните завеси, завесите од вратата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, јажињата и сиот прибор за нивната служба; сѐ што треба да се работи околу тие нешта, нека направат! 27Гирсоновците нека ги обавуваат сите свои должности - сѐ што треба да носат и сѐ што треба да направат - по налог на Арона и на неговите синови. Доверете им на нивната грижа сѐ што треба да носат. 28Тоа е службата на родовите Гирсоновци во Шаторот на средбата. Нивната служба нека биде под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.“
29„Изброј ги Мерариевите синови по нивните родови и семејства. 30Запиши ги од триесет години нагоре, сѐ до педесет години, кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата. 31За сето време на нивната служба во Шаторот на средбата должност им е да ги носат: даските на Шаторот, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја; 32столбовите што го опкружуваат дворот, нивните подножја, нивните колчиња, нивните јажиња, со сиот прибор за нивната служба. И запишете ги по име предметите што им се доверени да ги носат. 33Тоа е службата на родовите на Мерариевите синови во сѐ што има да прават во Шаторот на средбата под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.“
34Мојсеј, Арон и началниците на општеството ги избројаа Каатовите синови по нивните родови и семејства - 35сите кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата, од триесет години нагоре, сѐ до педесет години. 36И избројаните по нивните родови беа две илјади и седум стотини и педесет. 37Тоа е попис на родовите Каатовци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои ги запишаа Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја.
38И беа избројани Гирсоновите синови по нивните родови и семејства, 39од триесет години нагоре, сѐ до педесет години, сите кои можеа да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата. 40И така, избројаните по нивните родови и семејства беа две илјади и шест стотини и педесет. 41Тоа е попис на родовите Гирсоновци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои беа избројани од Мојсеја и Арона по Господова повелба. 42И беа избројани родовите на Мерариевите синови по нивните родови и семејства, 43од триесет години нагоре, сѐ до педесет години, на сите кои можат да влезат во одредот за служење во Шаторот на средбата. 44И така, избројаните по нивните родови беа три илјади и двеста. 45Тоа е попис на родовите Мерариевци, што го составија Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја.
46И така, сите избројани левити, кои беа избројани од Мојсеја и Арона и од Израелевите началници по нивните родови и семејства, од триесет години нагоре, до педесет години, 47сите кои беа способни за прислужување во работите и за службата на пренесување во Шаторот на средбата, 48беа осум илјади пет стотини и осумдесет. 49Според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја, секого го внесоа во пописот според она во што служеше и што пренесуваше. Беа избројани како што Господ му заповеда на Мојсеја.

Селектирано:

БРОЕВИ 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се